КОШАРКА
- В недела од 12 ч. е натпреварот за македонските надежи (до 20 г.), од 15 ч. е олстар-мечот за сениорки, од 18 ч. за сениори, а ќе има и ревијални натпревари во шут за три поени и во забивање. Во паузите помеѓу четвртините ќе се изврши свечено доделување награди и признанија за најуспешните поединци и колективи во сезоната 2024/2025, велат од КФМ
Љубителите на македонската кошарка повторно ќе можат да уживаат на олстар-натпреварите, кои се враќаат на програмата како дел од официјалниот календар, но и симбол на современата, отворена и атрактивна кошарка. Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ги прецизира деталите за овие натпревари.
– Недела, 21 декември, е ден посветен на славење на македонската кошарка, кога сите сме на иста страна, играчи, тренери, судии, делегати и клубови. Ден кога ги славиме играта, заедништвото и убавината на кошарката, токму затоа што сме различни, а обединети околу иста вредност – информираат од КФМ во пресрет на трите домашни олстар-меча.
Од 12 часот е мечот за македонските надежи (до 20 години). За овој натпревар сите 11 клуба што настапуваат во оваа лига (мажи) се задолжени да пријават по еден играч од својот клуб, а другите 13 ќе бидат избрани од стручните штабови на двете екипи. Вториот олстар-меч е за сениорки (од 15 ч.), изборот е по истиот принцип, осум клуба од Првата лига пријавуваат по една домашна кошаркарка, а другите седум кошаркарки, како и 12 странски, по препорака на матичните клубови, ќе бидат избрани од стручните штабови на двата тима. Третиот олстар-натпревар е за сениори (од 18 ч.), 12-те клуба пријавуваат по еден македонски кошаркар, а другите домашни и странски играчи ќе бидат избрани од стручните штабови.
За ревијалните натпревари во шут за три поени и во забивање, сите екипи учеснички имаат право да пријават по еден играч. Финалните настапи ќе се одржат на машкиот олстар-натпревар, при што најдобрите двајца во секоја дисциплина ќе се борат за победничките признанија.
– Во паузите помеѓу четвртините ќе се изврши свечено доделување награди и признанија за најуспешните поединци и колективи во сезоната 2024/2025. Со овој настан сакаме заеднички да покажеме и да докажеме дека кошарката повторно може да биде спорт број еден во Македонија, со почит, соработка, визија и љубов кон играта – велат од КФМ. Г.И.

































