Фото: КФМ

Македонија, која вторпат во овие квалификации ја победи Полска, го освои третото место во групата Х, од која пласман на ЕП 2025 обезбедија Литванија, Естонија и Полска (како еден од кодомаќините)

КОШАРКА – ЗАВРШИЈА КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2025

Сениорската репрезентација на Македонија го затвори циклусот квалификации за пласман на Европското првенство годинава со уште една, втора победа над Полска, репрезентација што на претходното ЕП беше четвртопласирана. Во СРЦ „Кале“ избраниците на македонскиот селектор Александар Јончевски славеа со 88-74. Најефикасен беше Ти Џеј Шортс со 23 поени и пет асистенции, а Андреј Маслинко постигна поен помалку, со стоотстотен шут од игра (осум од осум). Кај, Лукаш Коледа, Михал Михалак и Анжеј Плута постигнаа по 13 поени. Во вториот меч од групата Х, Литванија ја совлада Естонија со 82-75.
Македонија го освои третото место во групата Х со осум бода, а пласман на ЕП 2025 во Финска, Кипар, Полска и во Летонија обезбедија Литванија и Естонија, како и Полска како еден од кодомаќините, иако беше на четвртото место во групата со една победа и пет порази. Македонија во овие квалификации забележа две победи и четири порази. Прво загуби дома од Естонија (69-74), па ја совлада на гости Полска (96-71), потоа загуби од Литванија дома (67-82) и на гости (72-94), а во третиот циклус загуби на гости од Естонија (65-84) и ја победи Полска во Скопје (88-74). На македонскиот национален тим сега му претстојат претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година.

– Ова е важна победа, која, за жал, не можеме да ја прославиме со пласман на Европското првенство. Секако, можеме да жалиме за првиот меч со Естонија тука, но задоволен сум од тоа како реагиравме, како одигравме од првата до последната минута. Среќен сум што им се оддолживме на навивачите со победа. Реално, најтешко беше да се мотивираме по оној пораз во Талин, особено што имавме огромна желба да ја добиеме Естонија, имавме одлични 27-28 минути игра, но, за жал, не беа доволни. Горд сум на моите играчи, ова се професионалци, многумина од нив се заедно подолг период. Сите се свесни зошто се тука и успеавме заедно да се кренеме и да стигнеме до победа над Полска – изјави Јончевски.
Натпреварот во Скопје го обележи кошаркарот Дамјан Стојановски (37), кој стави крај на репрезентативната кариера по две децении бранејќи ги боите на македонската репрезентација. Стојановски во сениорска конкуренција дебитира на натпреварот со Грција на ЕП 2009 во Полска. Г.И.


Вкупно 19 од 24-те репрезентации за ЕП 2025 играа на ЕП 2022

Покрај кодомаќините Летонија (таму ќе се играат мечевите во групата А), Финска (група Б), Кипар (група Ц) и Полска (група Д), пласман на кошаркарското Европско првенство (ЕП) годинава обезбедија Израел, Словенија, Португалија, Италија, Турција, Исланд, Шпанија, Белгија, Германија, Црна Гора, Шведска, БиХ, Франција, Грција, Чешка, Велика Британија, Србија, Грузија, Литванија и Естонија. Од нив, 19 настапија и на минатото ЕП, во 2022 година. Ждрепката на групите за ЕП 2025 треба да биде влечена на 27 март во Рига, каде што ќе се игра финалето. На ЕП 2025 титулата од првенството во 2022 година ќе ја брани Шпанија. Г.И.


ГРУПА Х

Македонија – Полска 88-74
Литванија – Естонија 82-75

ТАБЕЛА
Естонија 6 5 1 482-391 11
Литванија 6 4 2 466-441 10
Македонија 6 2 4 457-479 8
Полска 6 1 5 423-517 7