Македонија загуби во второто коло, на гостувањето во Унгарија со 58-96
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија загуби на гостувањето од Унгарија со 58-96 во вториот натпревар во групата Б, во претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар. По натпреварот во Куманово и поразот од Романија, ова е втор пораз на најдобрите македонски кошаркари. Унгарците подобро го отворија мечот во сите четири четвртини, а најдобро одиграа во последната, а максимално ги користеа своите предности, особено скокот. Унгарија сега има по една победа и пораз.
– Очекував овој натпревар да биде малку поинаков, бидејќи овие 38 коша разлика се премногу во однос на квалитетот на двете репрезентации. Мислам дека нашите кошаркари премногу ги респектираа Унгарците и тука треба да се бараат причините за нашиот пораз. Одигравме прва добра четвртина, но противникот беше исклучително расположен за шут. Погоди 15 тројки со 40 отсто шут од дистанца. Екипата поседува квалитет и денеска беше мошне мотивирана за победа пред своите навивачи, кои ѝ дадоа голема поддршка. Задоволен сум од младите кошаркари и се надевам дека во иднина ќе играме многу подобро, но ни останува да се подобруваме, во секој поглед. Верувам дека во иднина ќе се надградуваме, а она на што треба да обрнеме внимание е дека, кога резултатот оди во негатива, да не бараме брзи решенија, бидејќи така само се продлабочува кризата. Им давам поддршка на играчите, тие даваат максимум, но евидентно е дека уште недостига искуство. Меѓутоа, сето она што ќе следува е реалност, а таа реалност е искуството, кое уште не постои кај нас – вели селекторот Марјан Илиевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија.
Во македонскиот состав, Џејкоб Вајли реализира 15 поени, капитенот Андреј Магдевски имаше 11 поени, Теодор Симиќ 10, Андреј Митревски шест поени… Во третото коло од претквалификациите Македонија вторпат ќе игра со репрезентацијата на Романија, овој пат на гости, во Орадеа, в среда (18 часот). Двете првопласирани репрезентации од групата Б ќе настапат во квалификациите за СП 2027, и тоа победникот во групата Б, во која ќе играат и Грција, Црна Гора и Португалија, а второпласираниот во групата Г, во која се и Франција, Белгија и Финска. Г.И.