КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2029
- Да не ги кажуваме предвреме нашите очекувања, секојпат тоа ќе биде да дадеме 100 отсто од себе и да се победат мечевите, вели селекторот Илиевски пред средбите со Азербејџан утре во Скопје и со Република Ирска в недела во Даблин
Машката кошаркарска репрезентација на Македонија од понеделникот е на мини-подготовки во СЦ „Кале“ во Скопје, за претстојните натпревари со селекциите на Азербејџан и Република Ирска, во претквалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2029 година. Првиот натпревар, за кој влезот е слободен, е закажан за утре (19 часот, пренос на МРТ), со Азербејџан во СЦ „Кале“, а три дена подоцна црвено-жолтите ќе ѝ гостуваат на Ирска во Даблин. Во групата А е уште и селекцијата на Луксембург. Победникот на секоја од четирите групи и најдобрата второпласирана репрезентација ќе обезбедат играње во квалификациите на ЕП 2029.
– Да не ги кажуваме предвреме нашите очекувања, секојпат тоа ќе биде да дадеме 100 отсто од себе и да се победат мечевите. Но, не сакам никој да нѐ сфати здраво за готово и дека за три дена ќе видиме нешто ново, иако тоа се играчи што играле долго време во репрезентацијата. Од она што го имаме како информација за Азербејџан, тоа е дека го менуваат странскиот играч. Претходно имаа центар, сега имаат плејмејкер. Се работи за играч што низ клубовите бил меѓу носителите, па сигурно е дека ќе се промени нивната тактика на теренот, затоа што имаат носител-играч на друга позиција. И преостанатите играчи им настапуваат, но не оставаат некаква конкретна и јасна слика, секој меч им е различен од другиот, во некои се длабоко во негатива, во некои се блиску до победа, така што ќе говориме по мечот.
Она што било ќе го оставиме во минатото. Вратите се отворени за сите што се на располагање. Оние што играа летоска, го дадоа својот максимум, можеби и над максимумот. Дополнети сме со играчи што се поискусни, што не значи дека многу работи се менуваат, но значи дека играчите што имаат „носено“ поинакви мечеви се присутни тука и сигурно ќе бидат од значење, не потценувајќи никого што беше тука за време на летото, бидејќи нивното време доаѓа – вели селекторот Марјан Илиевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Во ноемвриските натпревари Илиевски ќе има на располагање уште еден натурализиран играч. Освен Џејкоб Вајли, за место во тимот ќе конкурира и членот на шпанската Валенсија, Омари Мур, пишува КФМ.
– Вајли е со тимот, Мур доаѓа денеска, а Сестина е повреден и ќе отсуствува два месеца. Имаме на располагање двајца натурализирани играчи и ќе одлучиме кој ќе игра. Двајцата ќе бидат тука и по она што ќе го увидиме, ќе ги распоредиме. Андреј Јакимовски исто така е присутен, сигурно ни значи многу како македонски играч што веќе има одлична минутажа во својот клуб. Игра во квалитетна лига и ќе биде од огромно значење – рече Илиевски.
Македонија досега настапи на пет европски првенства, а најдобриот пласман го оствари во 2011 година во Литванија, на четвртата позиција. Од ривалите во групата, само Луксембург настапил трипати, во 1946 година бил осми, во 1951 година се пласирал на 17. место, а во 1955 година бил 15-ти. Г.И.


































