Македонија вечерва игра со Унгарија, во Скопје, во последниот меч во претквалификациите за СП 2027

КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027

Мечот со Унгарија не ни значи резултатски ниту нам ниту ним, но од самиот почеток кажавме дека секој дуел, па дури и оној на тренинг помеѓу две петорки, ќе биде од големо значење за сите, па така на секој меч гледаме да го извадиме нашиот максимум. Задоволен сум, без никакво правдање на нештата. Ќе стојам зад овие играчи сѐ додека го даваат максимумот и го почитуваат стручниот штаб, ќе ја имаат мојата поддршка, рече селекторот Марјан Илиевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), пред вечерашниот меч на Македонија со Унгарија во Скопје (СЦ „Кале“, од 19 часот), последен во претквалификациите за Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар.
Илиевски додава и дека е потребно време за некои работи во тимот да бидат поставени на нешто повисоко ниво од постојното.
– Треба да земеме предвид дека сѐ што поминавме во еден временски период, беше многу кратко за сите што сме дел од оваа репрезентација. Она што го мислевме уште првиот ден е дека играчите што одговорија на нашиот повик тренираат максимално коректно и го даваат својот максимум. Во разговорите што ги имавме со нив во текот на целиот тренажен процес беше малата минутажа што ја имаат во клубовите за да може да дадат повисок квалитет. Забележително од самиот почеток е дека има одреден напредок, она што го напоменав претходно е дека ќе нѐ краси таа тимска енергија, која е производ на она што е создадено како хемија во изминатиот краток период. Квалитетот што не го поседуваме во напад е нешто што во клучните моменти ни одредува мечот да „оди“ кај поискусната екипа. Тоа беше случај на претходните два меча со Романија. Работиме на самодовербата кај играчите, за да не допира до нив цел оној наш менталитет како јавност. Сето она што тие го добиваат со разговор и со тренажен процес е работа за да добијат самодоверба која и тоа како им е потребна – вели Илиевски, пренесе КФМ.
Продажбата на влезниците за овој дуел се одвива преку онлајн сервисот „МКтикетс“ и чинат 150 денари, информираат од КФМ. Г.И


ГРУПА Б

Македонија – Унгарија 19 ч.

ТАБЕЛА
Романија 4 3 1 301-288 7
Унгарија 3 2 1 246-200 5
Македонија 3 0 3 196-255 3