Македонија загуби од Романија со 72-80 во Куманово, во 1. коло во претквалификациите за СП 2027
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Во изедначен и неизвесен натпревар подмладената кошаркарска репрезентација на Македонија загуби од Романија со 72-80 во Куманово, во премиерниот дуел од втората фаза од претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар. Победникот беше решен во последните две минути од последната четвртина, која гостите ја добија со 25-15.
– Искрено жалам за поразот, бидејќи во две минути се реши овој меч. Постојано беше изедначено, но потоа за краток период, со една-две загубени топки и промашени отворени шута, мечот се сврте во полза на гостите. Можеби некој ќе праша зошто земавме брзи шутеви, но тоа беа отворени шутеви и јас секогаш ќе барам од кошаркарски аспект тие шутеви да се земаат. Примивме 25 поени од „втора шанса“, што е премногу. Знаевме дека тој физички аспект ќе биде главен проблем, но не успеавме да ги запреме Романците. Реков дека ќе нѐ краси брза игра, имавме добри реализации од контранапад, но, за жал, тоа не беше доволно. Наше е да сработиме, да се види сето она што ќе го сработиме и сето она, што, за жал, морам да го кажам е патетично, разочаран сум од синдромот на самоуништување. Првите два меча во Гевгелија беа од затворен карактер, настојувавме да ги зачуваме видеоанализите, но Романците стигнаа подготвени за сите наши напади, што е разочарувачки за мене како македонски селектор – рече меѓу другото селекторот Марјан Илиевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија.
За Македонија в сабота следува мечот со Унгарија на гости, а потоа се уште две средби со истите ривали, со Романија на гости на 13 август и со Унгарија дома на 20 август. Двете првопласирани од оваа група ќе настапат во квалификациите за СП 2027. Г.И.