Она што ќе го истакнам за претходниот натпревар е да ги пофалам сите момци што ги дадоа својот придонес и својата енергија на паркетот. Сето она што следува, ќе доаѓа со нивното искуство за вакви натпревари. Се надевам дека во сето тоа ќе имаме подобрување. Можеби нема да дојде прекуноќ, можеби нема во овој прозорец, сега, меѓутоа, ова ќе значи многу за она што претстои, вели македонскиот селектор Илиевски. Македонија в сабота гостува кај Унгарија, а идната недела и кај Романија, во претквалификациите за СП 2027
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2027
Машката репрезентација на Македонија замина за унгарскиот град Шолнок, каде што в сабота (18 часот) ќе го игра вториот натпревар во претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2027 година во Катар, против Унгарија, во групата Б. По натпреварот во Куманово и поразот од Романија, најдобрите македонски кошаркари одработија три тренинзи во Скопје. По мечот со Унгарија, Македонија на 13 август во Орадеа ќе го игра реванш-натпреварот со Романија, а седум дена подоцна и возвратниот дуел дома со Унгарија. Со Унгарија, Македонија досега одиграла осум меча, сите во квалификации, а оствари пет победи.
Почетниот пораз со 72-80 во Куманово од Романија не го поколеба младиот состав на црвено-жолтите, а уште помалку стручниот штаб предводен од селекторот Марјан Илиевски, кој реши да не менува ништо во составот, односно на дуелите со Унгарија и со Романија ќе смета на сите 15 играчи што се во сегашниот тренажен процес.
– Она што е наш недостаток е новото создавање на оваа репрезентација. Паралелно на сето тоа, овие наши играчи, немаат забележителна улога во екипите за кои настапуваат. Она што ќе го истакнам за претходниот натпревар е да ги пофалам сите момци што ги дадоа својот придонес и својата енергија на паркетот. Сето она што следува, ќе доаѓа со нивното искуство за вакви натпревари. Се надевам дека во сето тоа ќе имаме подобрување. Можеби нема да дојде прекуноќ, можеби нема во овој прозорец, сега, меѓутоа, ова ќе значи многу за она што претстои. Бројките не ни значат ништо во однос на индивидуални решенија од самите наши поединци. Ни значи сето она што се вика колектив. Мислам, поточно убеден сум, дека на средбата со Романија се гледаше дека функционираме како тим – вели Илиевски.
Тој се осврна и на следниот ривал.
– Унгарците се една атлетска екипа, која игра брза и модерна кошарка, каде што сите играчи шутираат од сите позиции. Нивниот играч Војвода е највозрасен и е клучен играч во таа репрезентација. Сето она што треба да го направиме е да ја спречиме таа нивна игра во транзиција. Да се обидеме сите отворени шутеви да ги затвориме, а колку што можеме да го подобриме нападот, бидејќи одбраната е желба, а кај нас таа постои. И нормално е дека секогаш постои простор да се поправа. Тоа, заедно со малку поголема самодоверба кај младите играчи да го реализираат тоа во нападот, верувам дека сето тоа ќе изгледа многу поразлично – рече Илиевски, пренесе Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ).
Двете првопласирани селекции од групата Б ќе настапат во квалификациите за СП 2027, и тоа победникот во групата Б, во која се и Грција, Црна Гора и Португалија, а второпласираниот во групата Г, со Франција, Белгија и со Финска. Г.И.