Фото: ЕПА

Истиот износ од 948.000 евра ќе биде доделен и за секоја дополнителна победа што Грузија ќе ја обезбеди на ова ЕП. Грузијците денеска (16 ч.) ќе се соочат и со Финска во четврт-финалето

КОШАРКА – ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ЗА МАЖИ

По историската победа на Грузија над големиот фаворит Франција со 80-70 во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) во Рига, таа за првпат во историјата се пласира во четврт-финале на едно ЕП, а денеска за пласман во полуфиналето ќе игра со Финска (16 ч.). Овој успех, сепак, не остана незабележан. Имено, премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе, објави дека Владата ќе му додели на националниот тим бонус од три милиони лари (приближно 948.000 евра) за нивниот успех. Тој додаде и дека истиот износ ќе биде доделен и за секоја дополнителна победа што Грузија ќе ја обезбеди на турнирот. Грузија денеска (16 ч.) ќе се соочи со Финска во четврт-финалето на ЕП. Истовремено и нивниот селектор, Србинот Александар Џикиќ, кој порано беше стратег и на македонската репрезентација, откако со Грузија се пласира во четврт-финалето на ЕП доби Орден на честа, по предлог на премиерот и претседателот на парламентот на Грузија.
Селекторот на Литванија, пак, Римас Куртинаитис, го спореди Гркот Јанис Антетокумпо со три кошаркарски великани на сите времиња, пред вчерашното четврт-финале помеѓу Литванија и Грција. Тоа се Дражен Петровиќ, Никос Галис и Оскар Шмит.
– Не знам дали се сеќавате, но тука беше Хрватот Дражен Петровиќ, еден од најголемите играчи на сите времиња и имав можност да го видам како игра. Од Грците, тука беше Никос Галис, кој постигнуваше 40 поени по натпревар. Исто така, Бразилецот Оскар Шмит, кој даваше и по 50 коша. Јанис е навистина добар играч, беше МВП на НБА, а не ја добивате таа награда тукутака. Но најчесто е тешко само еден играч да победи на натпревар. Затоа нашата главна цел ќе биде да ги запреме другите противнички играчи – додаде Куртинаитис пред денешниот меч со Финска (16 ч.), пренесе „Баскет њуз“.
Словенија, предводена од, засега најдобриот стрелец тука, Лука Дончиќ, во четврт-финалето на ЕП денеска, од 20 часот, ќе игра со светскиот првак Германија. На натпреварот со Италија, Дончиќ се жалеше на повреда. Неговиот татко Саша, со словенечките медиуми ги сподели најновите информации во врска со здравствената состојба на неговиот син.
– Состојбата на Лука е добра. Има многу удари и модринки, но тоа е дел од играта. Би било чудно да не беше во болка, со оглед на тоа што натпреварите се играат практично секој втор ден, дека има толку голема улога и дека игра многу минути. Лука одигра феноменално против Италија, исто како и другите соиграчи. Во секој случај, мислам дека премногу се фокусира само на Лука, но и другите играчи се важни – нагласи Саша за „Сиол.нет“.
Ергин Атаман го критикуваше рангирањата на ФИБА пред мечот со Полска, кој се играше вчера. Тој ги отфрли најновите рангирања на ФИБА за ЕП 2025, инсистирајќи дека единствена цел на Турција е освојување медал. Пред четвртфиналниот меч со Полска, тој нагласи дека резултатите се одлучуваат на теренот, а не во предвидувањата. Ажурираните рангирања на ФИБА пред ЕП 2025 ја ставија Турција како втор фаворит за титулата.
Присуството на навивачите не беше еднакво на сите натпревари во Рига. Така, мечот меѓу Литванија и Летонија во осминафиналето беше единствениот што се играше пред полна сала од 11.000 навивачи. За споредба, дуелот Србија-Финска привлече нешто повеќе од 4.000, Италија-Словенија 3.000, а Германија-Португалија едвај над 2.300. Претходниот меч меѓу Грција и Израел го гледаа 2.157 гледачи. Г.И.


Четвртфинални двојки

Турција – Полска, вчера.
Литванија – Грција, вчера
Финска – Грузија, денеска 16 ч.
Германија – Словенија, денеска 20 ч.

Гледаност на осминафиналето
НАТПРЕВАР ГЛЕДАЧИ
Литванија – Летонија 11.000
Србија – Финска 4.006
Италија – Словенија 3.016
Германија – Португалија 2.316
Турција – Шведска 2.193
Грција – Израел 2.157
Франција – Грузија 1.652
Полска – БиХ 1.370