Фото: ЕПА

КОШАРКА – ЕВРОЛИГА

Кошаркарите на Фенербахче вторпат ја освоија титулата европски првак, откако во финалето на фајналфор-турнирот на Евролигата во Абу Даби го совладаа Монако со 81-70. Клубот од Турција ја освои првата европска титула во 2017 година. Монако беше 30-от тим што настапи во финалето на кошаркарската Евролига, во 68-та сезона на најсилното европско кошаркарско клупско натпреварување.
Најџел Хејс-Дејвис го предводеше победничкиот тим со 23 поени и девет скока, Марко Гудуриќ постигна 19, а Девон Хол и Вејд Болдвин постигнаа по 13. Хејс-Дејвис е прогласен за најкорисен кошаркар (МВП) на фајналфор-турнирот.
Тренерот на Фенербахче, Шарунас Јасикевичиус, е четвртиот што ја освоил титулата и како тренер и како играч (претходно освои четири титули во Евролигата со три тима како кошаркар), пишува Евролигата. Во мечот за третото место на фајналфор-турнирот Олимпијакос го победи Панатинаикос со 97-93. Н.М.