По третото коло, репрезентациите на Грција од групата Ц и Полска од групата Д обезбедија пласман во осминафиналето
ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО КОШАРКА ЗА МАЖИ
Лука Дончиќ стана најмладиот словенечки кошаркар во 21 век што надмина 400 поени, 100 асистенции и 100 скока. Дончиќ на дуелот против Германија стана петтиот играч од 1995 година што забележа трипл-дабл во натпревар на Европско првенство (ЕП). Со 26 поени, 11 асистенции и 10 скока, тој ја предводеше Словенија до првата победа со 86-69 против Белгија, во рамките на третото коло на ЕП 2025, кое се одржува во Финска, Полска, Летонија и Кипар до 14 септември.
НБА-играчот Дончиќ, со 18 години го имаше своето деби на ЕП во 2017 година, кога ѝ помогна на Словенија да го освои златниот медал. Сега тој стана и најмладиот играч во 21 век што надмина 400 поени, 100 асистенции и 100 скока во историјата на ЕП. Што се однесува до поените, со 26 години и 184 дена, тој стана најмладиот играч што остварил бројка од 400 поени во едно натпреварување, по Тони Паркер во 2007 година, кој во тоа време имал 25 години и 122 дена.
Трипл-дабл постигнале уште Полјакот Матеуш Понитка во 2022 година (26 поени, 16 скока, 10 асистенции), Романецот Андреј Мандаче во 2017 (14 поени, 10 скока, 11 асистенции) и Хрватот Тони Кукоч во 1995 година (15 поени, 12 скока, 11 асистенции). Стојан Вранковиќ исто така постигнал трипл-дабл на ЕП 1993.
Што се однесува до другите натпревари од ова трето коло, Израел направи голема сензација, успевајќи да ја победи со 82-69 (17-22, 19-14, 19-20, 27-13) селекцијата на Франција во групата Д на ЕП во Катовице. Израел до победата го предводеа Дени Авдија со 23 и Јам Мадар со по 17 коша. Закари Ризашер со 14, Ели Окобо со 13 беа најефикасни кај поразениот состав. И двата тима имаат забележано две победи и еден пораз и се изедначени за првото место на табелата.
Во третото коло во групата Ц, актуелниот европски првак Шпанија славеше со 91-47 (19-9, 22-8, 29-12, 21-18) над Кипар во Лимасол. Вили Ернангомез беше прв играч кај победникот со 19 поени, а кај Кипар Дарел Вилис уфрли 16 поени. Шпанија сега е втора со две победи и еден пораз, додека Кипар е шести, со сите три порази.
Италија очекувано ја победи со 96-79 (22-21, 22-19, 28-21, 24-18) БиХ во Лимасол во третото коло од групата Ц на ЕП. Најефикасен кај Италијанците беше Симоне Фонтекио со 39 коша и осум скока, а Јусуф Нуркиќ го предводеше босанскиот тим со 21 поен. Полска го победи со 84-75 Исланд во Катовице во групата Д. Прв стрелец беше Џордан Лојд со 26 поени, а Тригви Хлинасон кај Исланѓаните со 21 кош. Грција ја забележа и третата победа, овој пат над Грузија со 94-53 во групата Ц. По третото коло, репрезентациите на Грција од групата Ц и Полска од групата Д обезбедија пласман во осминафиналето. Г.И.
Група Ц
Резултати, 3. коло
Грузија – Грција 53-94
Шпанија – Кипар 91-47
БиХ – Италија 79-96
ТАБЕЛА
Грција 3 3 0 6
Шпанија 3 2 1 5
Италија 3 2 1 5
БиХ 3 1 2 4
Грузија 3 1 2 4
Кипар 3 0 3 3
Двојки, 4. коло (денеска): Грција – БиХ (14 л.), Кипар – Грузија (17.15), Италија – Шпанија (20.30)
Група Д
Резултати, 3. коло
Словенија – Белгија 86-69
Израел – Франција 82-62
Полска – Исланд 84-75
ТАБЕЛА
Полска 3 3 0 6
Израел 3 2 1 5
Франција 3 2 1 5
Словенија 3 1 2 4
Белгија 3 1 2 4
Исланд 3 0 3 3
Двојки, 4. коло (денеска): Белгија – Израел (14), Исланд – Словенија (17), Франција – Полска (20.30 ч.)