КОШАРКА

  • Првпат НБА има три играчи што истовремено имаат барем 20 сезони, и тоа Џејмс, кој кога ќе го има своето деби во сезоната 2025/2026 ќе биде првиот кошаркар во историјата на НБА-лигата што ќе игра во 23 сезони, Пол, кој влегува во својата 21. сезона, и Лоури, кој влегува во 20-та, пишува АП

Запознајте го „клубот 20“ во кошаркарската НБА-лига, кој е поголем од кога било досега. Во моментов нема кошаркари во НБА-лигата, и многу малку во историјата на лигата од 80 сезони, со поголем стаж од триото Леброн Џејмс, Крис Пол и Кајл Лоури. Првпат НБА има три играчи што истовремено имаат барем 20 сезони, и тоа Џејмс, кој кога ќе го има своето деби во сезоната 2025/2026 ќе биде првиот кошаркар во историјата на НБА-лигата што ќе игра во 23 сезони, Пол, кој влегува во својата 21. сезона, и Лоури, кој влегува во 20-та, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Љубовта кон играта уште е голема. Љубовта кон процесот е уште поголема. Значи, тоа е она што продолжува да ме поттикнува да ја играм оваа игра. Мислам, навистина е толку едноставно – рече Џејмс.
Уште да се придонесува на ова ниво, во овој момент од нивните кариери, е практично нечуено, а сите тројца инвестираат многу свои пари во свои индивидуализирани програми, кои им помогнале да ги надминат суровостите на НБА-животот толку долго, пишува АП. Џејмс ќе го пропушти почетокот на сезонава, бидејќи се справува со ишијас и нема цврст распоред кога всушност ќе излезе на теренот со Лос Анџелес лејкерс за да ја почне 23-та сезона, Лоури, барем откако НБА почна да ги следи ваквите статистики, е лидер на НБА на сите времиња според бројот на изнудени прекршоци во напад, што значи дека веројатно има претрпено повеќе тешки падови од кој било друг, а лани во Сан Антонио, Пол стана првиот играч во историјата на НБА што одигра 82 натпревари во 20-та сезона од кариерата, и тој ги почна сите, пишува АП.

– Отсекогаш верував во „продолжи да натрупуваш денови“ и дека едноставно мора да се појавуваш секој ден, секој ден. Значи, тоа е она што планирам да го донесам во овој тим… Мојата улога во овој тим е очигледно различна од онаа што ја имав во изминатите 20 години во НБА, но појавувањето секој ден, ако можам да им покажам на некои од момците како изгледа секој ден да се пријавуваат и да се одјавуваат, возбуден сум за тоа – рече Пол, кој летово му пристапи на Лос Анџелес клиперс.
Карим Абдул-Џабар беше првиот играч со 20 сезони, а стигна до таму во сезоната 1988/89, Роберт Париш го следеше во сезоната 1995/96 (и одигра и 21. сезона), Кевин Вилис одигра 21 сезона, а неговата кариера заврши во сезоната 2006/2007, пишува АП. Другите играчи што влегоа во овој клуб дојдоа во претходната деценија: Кевин Гарнет, Коби Брајант, Дирк Новицки, Винс Картер (првиот во лигата што играше 22 години, пред Џејмс да го израмни тој рекорд минатата година), Џамал Крофорд, Удонис Хаслем, Џејмс, Пол и наскоро, Лоури. Она што го направија играчи како Џејмс, Пол и Лоури, и како го направија тоа, беше забележано од сите – и од ветерани и од помлади играчи.
– Барам и примам совети од овие момци и сакам да примам уште повеќе совети од нив во иднина. Тие дефинитивно се примери – рече центарот на Сан Антонио, Виктор Вембањама, кој влегува во својата трета сезона.
Членот на Милвоки, Јанис Адетокунбо, кој влегува во својата 13-та сезона, рече дека постојаните иновации во медицината, закрепнувањето, технологијата и друго им овозможиле на играчите да ги продолжат своите кариери доколку одлучат да вложат труд.
– Во овој момент, ако не го следите планот што го следат момци како Винс Картер, Дирк, Леброн… ако не го следите тој план, не знам каков план треба да следите. Тие играат на високо ниво толку многу години, толку добро се грижат за своето тело. Имаат свој физиотерапевт, имаат свој готвач. Знаете како седнувате со вашиот финансиски советник четири пати годишно и ги разгледувате вашите финансии? Мислам дека треба да седнете со вашите лекари и вашите физиотерапевти најмалку четири пати годишно за да разговарате за тоа што сакате од вашето тело – рече Адетокунбо, пренесе АП.
Лоури се врати во Филаделфија сезонава, иако потпиша и со друг тим, „Амазон прајм“, на кој се приклучува како аналитичар за сезонава, дури и додека уште игра, пишува АП. Тој ќе дебитира на „Амазон“ неделава. Но неговиот ум е целосно на 20-та сезона како играч, а не на првата на телевизија.
– Ја обожавам кошарката и имав можност да играм професионална кошарка 20 години. Кога се будите секој ден, уште треба да бидете мотивирани да играте кошарка… И имам некои неверојатни соиграчи. Тоа е мојата мотивација. Само сакам она што сум го научил да продолжам да го давам колку што можам подолго – рече Лоури, пренесе АП. Н.М.