Фото: Маја Јаневска-Илиева

Македонскиот репрезентативец во редовите на Валенсија, за 27 минути игра, во победата со 86-76, постигна 16 поени, седум асистенции и четири скока и имаше најголем индекс на корисност (20)

КОШАРКА – ПРВЕНСТВО НА ШПАНИЈА

Кошаркарите на Валенсија на домашен терен ја совладаа трофејната Барселона (19 титули во домашниот шампионат) со 86-76, во натпревар од првенството на Шпанија, и тоа најмногу благодарејќи на македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ. Барселона е актуелен кошаркарски првак на Шпанија.
Македонскиот бек во победата против славната Барселона во салата „Фонтета“ оствари забележителни бројки. Тој за 27 минути на паркетот впиша 16 поени (5/9 за два и 6/6 за еден поен), на кои придодаде и седум асистенции и четири скока, и имаше и најголем индекс на корисност (20) на овој натпревар од 21. коло. Посебно импресионираше со неговите полувлезови и успешни реализации.
По 20. коло од кошаркарското првенство на Шпанија, Валенсија моментно има ефект од 13 победи и седум пораза и по саботните натпревари е на четвртата позиција. Табела: Реал Мадрид 17 победи и четири пораза, Барселона 15-4, Манреса 15-7, Валенсија 13-7, Хувентуд 12-8, Мурсија 11-8, Тенерифе 11-8, и тн.