Момент од натпреварот Словенија - Литванија

Словенија дури во завршницата го доби дерби-дуелот во Келн против Литванија со 92-85, додека фаворизираната Франција, кои многу стручњаци ја сметаа за еден од главните фаворити за злато, одигра катастрофално, загубувајќи од домаќинот Германија со 63-76

ЕВРОПСКО ПРВЕНСТВО ВО КОШАРКА ЗА МАЖИ

Бранителот на титулата од последното Европско првенство (ЕП) во кошарка за мажи 2017 година, селекцијата на Словенија, дури во завршницата го доби дерби-дуелот во Келн против Литванија со 92-85, во првото коло од групата Б на 41. ЕП, кое се игра во Германија, Чешка, Грузија и во Италија. Иако не беше најпрецизен, сепак Словенецот Лука Дончиќ одигра одлично, постигнувајќи 14 поени, шест скока и 10 асистенции. Но приматот играч од сенка, сепак му припадна на Мајк Тоби, кој беше најефикасен со 24 поени, а имаше и осум скока, додека го следеа Горан Драгиќ со 19 и Јака Блажич со 14 поени. Кај Литванија, прв стрелец беше Миндаугас Кузминскас со 19 поени.
Фаворизираната Франција, кои многу стручњаци ја сметаа за еден од главните фаворити за злато, одигра катастрофален меч на почетокот на ЕП, загубувајќи од домаќинот Германија со 63-76, а за тоа најмногу придонесе лошиот шутерски процент од само 38 отсто. Кај Германците предничеа Јоханес Тиеман со 14 коша и шест скока, Маодо Ло со 13, додека Денис Шрудер реализира 11 поени. На другата страна добро одигра Гершон Јабуселе, кој постигна 18 коша, а двоцифрен беше само Руди Гобер, кој забележа 11 поени и 12 скока. Во оваа група уште БиХ очекувано ја совлада Унгарија со 95-85.
Во групата Б во Тбилиси, селекцијата на Белгија го совлада амбициозниот домаќин Грузија со 79-76, но дури по 45 минути игра, откако резултатот во регуларниот дел беше 70-70, што се смета за изненадување. Победничката тројка ја постигна Џонатан Табу на три секунди пред крајот на продолжението. Турција се спаси од пораз против Црна Гора победувајќи со 72-68, и тоа во мошне динамична завршница. Шпанците, пак, ја декласираа Бугарија со 114-87. Лоренцо Браун доминираше кај победникот со 17 поени и пет асистенции, додека зад него беше Вили Хернангомез со 16 поени, шест скока и четири асистенции. Кај поразените, Александар Везенков беше најпрецизен со 26 коша. Г.И.


Повлечен дресот на славниот Новицки

Пред мечот Германија – Франција во Келн се одржа свечена церемонија на која беше повлечен репрезентативниот дрес на најдобриот германски кошаркар на сите времиња, Дирк Новицки. Неговиот дрес со бројот 14 во иднина ниту еден германски репрезентативец нема да може да го носи на теренот, во знак на благодарност кон Новицки, кој беше активен од 1997 и 2015 година. Тој долго играше во НБА, а на Германија ѝ донесе медали од СП 2002 година (бронза) и ЕП 2005 (сребро). Ја напушти кошарката на 37 години.
– Ова е голема чест за мене. Отсекогаш сакав да играм за репрезентацијата и секогаш го давав максимумот. Ви благодарам на сите што дојдовте, навистина ми значи многу – рече Новицки на свечената церемонија.


Словенците со такси на натпревар

По малку звучи необично за едно ЕП, но Словенците се пожалија на организацијата во Келн уште на првиот ден. Имено, пред нивниот хотел не пристигнал службениот автобус што требало да ги однесе до салата за играње, па морале да се снајдат и дотаму да стигнат со такси-возила!
– Мислам дека таксистот не знаеше кои сме и беше многу збунет. Возеше многу бавно, а ние брзавме, па постојано му викавме да стисне на педалот за гас – со насмевка коментираше по мечот натурализираниот Словенец Мајк Тоби.


ГРУПА А – ТБИЛИСИ

Резултати 1. коло
Шпанија – Бугарија 114-87
Турција – Црна Гора 72-68
Белгија – Грузија 79-76 (70-70)
двојки 2. коло, денеска
Црна Гора – Белгија 13.30 ч.
Бугарија – Турција 16.15 ч.
Грузија – Шпанија 19 ч.

ГРУПА Б – КЕЛН
Резултати, прво коло
БиХ – Унгарија 95-85
Словенија – Литванија 92-85
Франција – Германија 63-76
двојки 2. коло, денеска
Германија – БиХ 14.30 ч.
Литванија – Франција 17.45 ч.
Унгарија – Словенија 20.30 ч.

ГРУПА Ц – МИЛАНО
Двојки, прво коло (вчера)
Украина – В. Британија
Хрватска – Грција
Италија – Естонија
двојки 2. коло, денеска
В. Британија – Хрватска 14.15 ч.
Естонија – Украина 17 ч.
Грција – Италија 21 ч.

ГРУПА Д – ПРАГА
Двојки, прво коло (вчера)
Израел – Финска
Полска – Чешка
Србија – Холандија
двојки 2. коло, денеска
Финска – Полска 14 ч.
Чешка – Србија 17.30 ч.
Холандија – Израел 21 ч.