КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027 ЗА КОШАРКАРКИ

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија го доживеа и четвртиот пораз во квалификациите за Европското првенство (ЕП) в година во Белгија, Финска, Шведска и во Литванија. Во 5. коло од групата Ф, Данска победи на дуелот со подмладената репрезентација на Македонија со 125- 57 и се реваншира за поразот во Скопје (78-79).
Видно изменетиот македонски состав беше далеку од можноста да направи изненадување во Данска. Македонија засега има една победа, против Данска (дома), и три пораза, од Грција (дома), Хрватска (на гости) и од Данска (на гости) и е последна во групата Ф со пет бода. Најдобра во македонските редови беше Мерит Хемпе со 27 поени (2/4 за три, 8/11 за два и 5/6 за еден поен), на кои придодаде уште три скока и две асистенции. Илина Селцова запиша 10 поени, шест скока и пет асистенции, а Александра Стојановска осум поени и седум скока. Кај Данска најефикасна беше Алберте Римдал со 22 поена.
Утре, Македонија ја очекува уште едно гостување, во Солун за противник ја има Грција, која во ова коло загуби на гости од Хрватска (73-98). По групната фаза, двете првопласирани селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните одат во вториот дел од квалификациите за ЕП 2027. Досега понатамошен пласман обезбедија Израел, Луксембург (група А), Полска (Ц), Австрија и Велика Британија (Д), а меѓу селекциите што засега се третопласирани најдобро стојат Словенија, Црна Гора и Ирска. Г.И.


ГРУПА Ф

Данска – Македонија 125-57
Хрватска – Грција 98-73

ТАБЕЛА
Хрватска 4 3 1 334-290 7
Данска 4 2 2 375-310 6
Грција 4 2 2 344-341 6
Македонија 4 1 3 275-387 5
Идно коло (утре): Грција – Македонија (14.30 ч.), Данска – Хрватска (15 ч.).