КОШАРКА – НБА
Чикаго ќе биде домаќин на церемонијата на повлекување од употреба на дресот на кошаркарот Дерик Роуз на 24 јануари 2026 година, објави НБА-тимот, пренесе ЕСПН. Дресот со бројот 1 на Роуз ќе биде повлечен за време на церемонијата по мечот во „Јунајтед центарот“ со Бостон и ќе биде петтиот дрес повлечен од клубот, на тој начин придружувајќи им се на Џери Слоун (број четири), Боб Лав (10), Мајкл Џордан (23) и на Скоти Пипен (33), пишува ЕСПН.
Роуз, роден во Чикаго, се пензионира пред почетокот на сезоната 2024/2025, по 15-годишна кариера во НБА, која почна кога беше избран како прв избор на т.н. драфт од Чикаго. Тој помина осум сезони во Чикаго, освојувајќи ја наградата за дебитант на годината и беше прогласен за најмлад најкорисен кошаркар (МВП) во историјата на лигата, во 2011 година. Роуз го предводеше Чикаго до најдобриот резултат во НБА во текот на таа сезона, со 62 победи и 20 порази, до финалето на Источната конференција, најдалеку што франшизата напредувала во плејофот откако Џордан се повлече од тимот во 1998 година.
Роуз играше и за Њујорк, Детроит, Минесота, Кливленд и за Мемфис. Тој одигра 723 меча во кариерата и има три настапи на олстар-натпреварите. Г.И.