КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027
- Имавме добри моменти, а младите кошаркарки покажаа карактер и борбеност, но во клучните ситуации недостигаа искуство и концентрација. Сепак, од натпревар на натпревар девојките покажуваат сѐ подобра игра и докажаа дека заслужуваат шанса и доверба, вели селекторот Александар Ашаданов
Подмладената женска кошаркарска репрезентација на Македонија по шестото и последно коло од првата фаза заврши со ефект од една победа и пет порази, и го освои четвртото место во групата Ф, со што не успеа да обезбеди пласман во понатамошната фаза на патот кон Европското првенство (ЕП) во 2027 година во Белгија, Финска, Шведска и во Литванија.
– Пред почетокот на овој квалификациски „прозорец“, во договор со федерацијата, направивме значително подмладување на репрезентацијата, со цел да изградиме тим што ќе носи резултати во иднина. Свесни бевме дека како млада екипа нѐ очекува тежок турнир. Имавме добри моменти, а младите кошаркарки покажаа карактер и борбеност, но во клучните ситуации недостигаа искуство и концентрација. Сепак, од натпревар на натпревар девојките покажуваат сѐ подобра игра и докажаа дека заслужуваат шанса и доверба. Ова е дел од процесот на градење на тимот и верувам дека од ваквите натпревари ќе излеземе посилни. Продолжуваме да работиме и да се подобруваме – рече селекторот на репрезентацијата, Александар Ашаданов.
Македонија ги заврши квалификациите со пораз во Скопје. Во салата „Градски парк“, фаворизираната Хрватска славеше со 91-53 (21-6, 24-19, 24-11, 22-17). Во отсуство на Мерит Хемпе поради повреда, Милица Николиќ сосема добро ги искористи своите минути на теренот, реализира 16 поени, три скока и пет асистенции. Илина Селцова имаше ефект од 13 поени, со по три скока и асистенции, Јана Пислевска уфрли девет, а Александра Стојановска осум поени. Кај победникот предничеше Шавонте Зелус со 18 поени. Во групата Ф, Хрватска е прва со четири победи и два пораза, Грција е втора со идентичен ефект, а понатаму во квалификациите за ЕП 2027, како третопласирана оди и Данска, која оствари по три победи и порази.
По одигрувањето на групната фаза, двете првопласирани селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните продолжуваат во вториот дел од квалификациите за место на ЕП 2027, а тоа се Израел, Луксембург (група А), Летонија, Словенија, Холандија (Б), Полска, Словачка (Ц), Велика Британија, Австрија (Д), Бугарија, Црна Гора, Украина (Е), Хрватска, Грција, Данска (Ф), Србија и Португалија (Г).
Пред дуелот со Хрватска, македонските кошаркарки Анџелика Митрашиновиќ и Нена Трајчевска добија врамени дресови за спомен за своите репрезентативни настапи. Повеќе од една деценија и двете беа стандардни во дресот на Македонија, оставајќи забележителна трага со својата игра на теренот. Митрашиновиќ неодамна стави крај на својата играчка кариера, а си замина како најдобар стрелец во историјата на македонската репрезентација. Во својата долга репрезентативна кариера (од 2012 година), Митрашиновиќ одигра 32 сениорски и 31 натпревари во младинска конкуренција, а Трајчевска, според податоците на ФИБА, има вкупно 20 настапи во сениорската и 22 во младинска конкуренција за селекцијата на Македонија. Врамените дресови им ги предаде прославениот македонски кошаркар Владо Илиевски, кој сега во Кошаркарската федерација на Македонија ја извршува функцијата координатор на сите национални кошаркарски селекции. Г.И.
ГРУПА Ф
Македонија – Хрватска 51-93
Грција – Данска 99-77
ТАБЕЛА
Хрватска 6 4 2 486-424 10
Грција 6 4 2 544-465 10
Данска 6 3 3 533-470 9
Македонија 6 1 5 375-579 7
































