Ова е наградата за сѐ што вложивме во изминатиот период. Секоја чест за овие девојки што на теренот го оставија срцето, големо како планина. Покажаа дека треба да се верува во нив. Ниту еднаш не игравме во состав што сакав да го имам. Така беше и сега во Сараево. Но овие девојки се феномен сам по себе, се издигнаа над сите неволји и со ваква кратка, домашна ротација победивме, рече селекторот Ашаданов

КОШАРКА – МАКЕДОНИЈА ЈА СОВЛАДА БИХ ВО КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ЕП 2023

Aпсолутно ја заслуживме оваа победа. Многу важна, огромна, пред дуелот со Белгија. Ова е наградата за сѐ што вложивме во изминатиот период. Потајно се надевавме, веруваа девојките, верувавме и јас и стручниот штаб дека можеме да изненадиме во Сараево. Го направивме тоа со комплетен македонски состав, без помош на натурализирана кошаркарка, што, исто така, е голема работа, вели македонскиот селектор Александар Ашаданов по првата победа во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) годинава во Израел и во Словенија, против БиХ, во Сараево, со 68-66.
Македонската женска сениорска репрезентација по повеќе години пост забележа победа во квалификациски меч за пласман на ЕП.
– Секоја чест за овие девојки што на теренот го оставија срцето, големо како планина. Покажаа дека треба да се верува во нив. Ниту еднаш не игравме во состав што сакав да го имам. Така беше и сега во Сараево. Но овие девојки се феномен сам по себе, се издигнаа над сите неволји и со ваква кратка, домашна ротација победивме. Ова е мотив да работиме уште повеќе, иако немаме многу време за одмор. Веќе утре следува уште еден тежок меч, во СРЦ „Кале“ во Скопје доаѓа Белгија, која веќе ја покажа својата моќ – рече Ашаданов.
Двата коша за победа во финишот ги постигна 16-годишната Милица Николиќ. Капитенката Анџелика Митрашиновиќ со 18 поени беше најефикасна кај Македонките, Нена Трајчевска постигна 17, Ивана Кметовска 14, Јелена Антиќ 10 итн. Победата е уште поголема ако се знае дека БиХ трипати играла на ЕП, во 1997 година (10-то место), во 1999-та (12-то) и во 2021 година (петто).
– Немам зборови за да ја изразам својата радост. Пресреќна сум, пред сѐ затоа што го оставивме срцето на теренот и им докажавме на сите дека оваа репрезентација има квалитети и дека може да се носи и со репрезентации што играат на светско ниво. Стручниот штаб веруваше во нас од самиот почеток и на крајот сето тоа се исплатеше. Најдраго ми е што оваа победа ја остваривме без странец во екипата и со тоа докажавме дека и ние Македонките имаме квалитет. Но тука не застануваме, допрва доаѓаат помладите, кои, исто така, покажаа дека заслужено се во репрезентацијата – рече Митрашиновиќ.
Македонија е последна во групата А со една победа и четири порази (1-4). Води Белгија со 4-1, а потоа се Германија со 3-2 и БиХ со 2-3. Последниот меч од овој циклус за македонските кошаркарки е утре во Скопје со Белгија, која зад себе има 13 настапи на ЕП (бронза во 2017 и во 2021 година, петта во 2019-та). Во играта се издвојуваат Ема Месеман, Кјара Линскенс, Жули Ванло и Антониа Делаере. Досега на ЕП 2023 се пласираа Белгија (група А), Шпанија (Ц), Србија (Е), Грција (Г), Италија (Х), Летонија и Израел (Ј). На ЕП од секоја од 10-те групи ќе се пласираат првата и четирите најдобри второпласирани. Г.И.


ГРУПА А

БиХ – Македонија 66-68
Германија – Белгија 44-69

ТАБЕЛА
Белгија 5 1 1 9
Германија 5 3 2 8
БиХ 5 2 3 7
Македонија 5 1 4 6
Идно коло (утре): Македонија – Белгија (18 ч.), БиХ – Германија
(20 ч.).