КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2027
- Македонија денеска во Скопје игра со Данска, која досега трипати настапила на ЕП (1954, 1956 и 1974 г.), а во групата Ф се и Грција и Хрватска. Првопласираните две селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните ќе играат во вториот дел од квалификациите
Женската кошаркарска репрезентација на Македонија, по мини-подготовките денеска (17 часот, пренос на МРТ) против Данска, ќе го одигра првиот натпревар во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) во 2027 година, во СРЦ „Кале“ во Скопје (влезот е слободен). ЕП 2027 ќе се игра во Белгија, Финска, Шведска и во Литванија.
Македонија е во групата Ф, во која се и Грција и Хрватска. Избраничките на македонскиот селектор Александар Ашаданов ги очекуваат три меча за седум дена. Така, в сабота, е вториот дуел, со Грција, исто така во Скопје, а во вторник Македонките ќе гостуваат во Хрватска.
– Нѐ очекуваат многу тешки натпревари против селекциите на Данска, Грција и на Хрватска. Но, да одиме чекор по чекор. Прво, следува дуелот со Данска на домашен терен, против репрезентација што играше многу добро во претходните квалификации. Дел од костурот на нашата репрезентација е задржан, дополнет со неколку млади кошаркарки, и тој спој на младост и искуство очекувам да ни даде поволен резултат на премиерата од новиот циклус на квалификации. Наша примарна цел е овој циклус да го отвориме со победа – вели Ашаданов.
Данска досега трипати настапила на ЕП, првпат во 1954 година во Југославија (10. место), во 1956 година во Чехословачка (13. место) и во 1974 година во Италија (13. место). Репрезентацијата сега ја предводи нов тренерски тим, составен од главниот тренер Едуардо Херера и помошничката Ивана Костиќ. Македонија досега не играла на ЕП.
За разлика од претходните квалификации, сега ќе се игра по малку изменет систем, односно предвидени се мечеви сега, во ноември (12-18) и во февруари в година (11-15). По одигрувањето на групната фаза, првопласираните две селекции од седумте групи и трите најдобри меѓу третопласираните ќе играат во вториот дел од квалификациите за место на ЕП 2027. Во таа втора рунда од квалификациите ќе играат 24 селекции, од нив 17 се од првата квалификациска рунда, плус седум (Белгија, Шпанија, Италија, Франција, Германија, Чешка, Турција и Унгарија) од квалификацискиот турнир за Светското првенство (СП) во 2026 година. Најдобрите две репрезентации од шесте нови групи ќе се пласираат на континенталното првенство. Г.И.































