Верувам дека Вашингтон стејт ќе ми помогне да станам одличен кошаркар. Тие ми нудат можност да се градам како личност, спортист и како студент, вели најдобриот млад кошаркар на Македонија за 2019 година

КОШАРКА

Младиот македонски кошаркар Андреј Јакимовски (19) се одлучи за „американскиот сон“, да студира и да игра за еден од најдобрите тимови во НЦАА-лигата, Вашингтон стејт. Два метра високиот кошаркар, кој како член на Баскет Торино претходниве години со голем успех настапуваше во младинските лиги во Италија. Со тоа Јакимовски, кого македонскиот селектор Александар Тодоров го зеде во сениорската репрезентација на Македонија, ќе игра за тимот на Вашингтон стејт, за кој од 2008 до 2011 година настапувал и, на пример, истакнатиот шутер Клеј Томпсон (Голден стејт, трикратен НБА-првак, освојувач на златни медали од СП 2014 и ЛОИ 2016 со САД, пет пати учесник на олстар-мечевите во НБА итн.), чиј дрес со бројот еден е повлечен од употреба во тимот на Вашингтон стејт.

– Уште како дете мојот сон беше да играм кошарка во САД. Тоа е земја што има најдобри тренери и каде што се игра најдобрата кошарка во светот. Верувам дека Вашингтон стејт ќе ми помогне да го остварам мојот сон и да станам одличен кошаркар. Тие ми нудат можност да се градам како личност, спортист и како студент – вели најдобриот млад кошаркар на Македонија за 2019 година, чија изјава ја пренесе интернет-страницата на Кошаркарската федерација на Македонија.
Тренерот на Вашингтон стејт, Кајл Смит, кој првпат сезонава го предводеше тимот, не го криеше задоволството од доаѓањето на Јакимовски.

– Андреј е играч што го следиме повеќе од една година. Беше доминантен на мечевите против своите врсници. Тој е многу квалитетен кошаркар, кој може да настапува на четири различни позиции, има позитивен карактер и сигурно добро ќе се вклопи во нашата програма – изјави тренерот Смит, пренесе МКФ.
Јакимовски веќе беше гостин на универзитетот „Вашингтон“ во почетокот на годинава, кога оствари и средби со Клеј Томпсон, пренесува КФМ. 


Вашингтон стејт има кошаркарска историја од 1902 година

Машкиот кошаркарскиот тим на Вашингтон стејт во сезоната 2019/2020 настапуваше во НЦАА-лигата, Дивизија 1. Тимот, кој првпат беше предводен од тренерот Кајл Смит (50), домашните средби ги игра во „Безли“ (капацитет 11.566 места). Тие ја завршија сезонава со скор 16-16 и 6-12 во доигрувањето, со што го освоија 11-то место. Тимот го совлада Колорадо во првото коло на турнирот и требаше да се соочи со Аризона во четврт-финалето, но поради пандемијата на коронавирусот турнирот е откажан, со што заврши сезоната. Вашингтон стејт почна со кошаркарски натпреварувања во 1902 година.