Гасол и Фернандез ќе играат за второ злато, Гасол и за израмнување со Одом во индивидуална „двојна круна“, а Скола по 17 години пак ќе се обиде првпат да стане светски првак
Шпанија ќе игра против Аргентина во финалето на 18-то Светско првенство (СП) во кошарка во Кина (утре од 14 ч.). И Шпанците и Аргентинците ќе имаат шанса вторпат да се закитат со злато на СП. Шпанија во крајно неизвесен и драматичен меч, дури по две продолженија од по пет минути, ја совлада Австралија со 95-88. Аргентина, пак, ја совлада Франција со 80-66.
Шпанија славеше на СП во 2006 година во Јапонија, Аргентина има по едно злато (на првото СП во 1950 година) и сребро (СП 2002). Австралија досега нема ниту еден медал од мундијалите, а Франција освои бронза на СП 2014. Мечот за третото место помеѓу Австралија и Франција е утре од 10 часот.
Шпанските кошаркари Марк Гасол и Руди Фернандез имаат шанса за второ светско злато за влез на листата на кошаркари што двапати се закитиле со златен медал од светските првенства. И Аргентинецот Луис Скола ќе игра во ново финале на СП (првпат настапи на СП 2002 во САД, кога го освои сребрениот медал).
Гасол има уште една можност да влезе во историјата на светската кошарка како играч што во иста година освоил две титули – со репрезентацијата на СП и со својот НБА-клуб (Торонто). Тоа досега единствено му успеало на Ламар Одом во 2010 година, кога стана светски првак со САД и шампион во НБА со Лос Анџелес Лејкерс, пишува на официјалната интернет-страница на СП.