Шпанија доминираше од кадетска до сениорска конкуренција мажи и жени, освојувајќи вкупно шест медали, од кои четири злата и по едно сребро и бронза, како и две петти места, што доволно говори за квалитетите на шпанската кошарка во целина

Кошаркарите на Шпанија триумфираа на 18. Светско првенство (СП) што се одржа во Кина, кое е нивно второ најсјајно одличје на мундијалите, по она во 2006 година, во Јапонија. Во големото финале, многу полесно од очекуваното беше скршен отпорот (95-75) на Аргентина. Шпанците демонстрираа најквалитетна кошарка, тактички мудро и дисциплинирано во одбраната и во нападот, со голема одговорност на главните имиња во решавачките моменти, кога всушност и се кршеше резултатот под обрачите.

Но овој успех, секако, не е без причина. Ако погледнеме во нивниот годинашен кошаркарски дневник, ќе прочитаме дека успеси не бележеле само сениорите. Нивни кошаркарски селекции летово доминирале од кадетска до сениорска конкуренција, а впишале само еден пораз, и тоа во меч за медал. Шпанија, покрај СП за сениори, славела и на Европското првенство (ЕП) за играчи до 16 и до 18 години, и тоа со максимален ефект, а единствено не успеале да го „грабнат“ златото на ЕП за кошаркари до 20 години, каде што биле поразени од домаќинот Израел.

Но не заостанува ниту женската кошарка, која славела на ЕП за сениорки, а Шпанките можат да се пофалат и со бронза од ЕП за кошаркарки до 16 години, а петти места се освоени во категориите до 18 и до 20 години. Со еден збор, ова беше прекрасно лето за шпанската кошарка, со четири злата, по едно сребро и бронза и две петти места на големите меѓународни натпреварувања.

За најкорисен играч на СП 2019 е прогласен бекот на Шпанија, Рики Рубио, најдобар стрелец е Србинот Богдан Богдановиќ (183 коша). Во најдобрата петорка на СП се најдоа и Шпанецот Марк Гасол, Французинот Еван Фурние и аргентинскиот ветеран Луис Скола, кој со неполни 40 години беше единствен во ова друштво што моментно не е член на некој НБА-клуб. 


УСПЕСИТЕ НА ШПАНСКАТА КОШАРКА ГОДИНАВА

сениори злато на СП
сениорки злато на ЕП
до 20 г. мажи сребро на ЕП
до 20 г. жени петти на ЕП
до 18 г. мажи злато на ЕП
до 18 г. жени петти на ЕП
до 16 г. мажи злато на ЕП
до 16 г. жени бронза на ЕП