Кошаркарите на ЦСКА Москва по осми пат станаа европски прваци, откако во големото финале на фајналфор-турнирот во Евролигата, кое се играше во Викторија, Шпанија, го победија турскиот состав Анадолу Ефес со 91-83 (29-20, 15-22, 24-20, 23-21). Во мечот, пак, за третото место, шпанскиот првак Реал Мадрид убедливо славеше против вториот турски претставник во завршницата, Фенербахче, со 94-75.
Најефикасни кошаркари во победничкиот состав беа Кори Хигинс и Вил Клајберн со по 20 поени, додека, пак, Шејн Ларкин од Ефес постигна 29 поени, што претставува рекорд на постигнати кошеви во меч за титула. Неговиот скор од 59 поени во полуфиналето и финалето наедно е најдобар ефект во завршниците на последниот милениум, а неговите девет тројки на фајналфорот исто така се рекордни во една завршница.
За ЦСКА, ова е четврти трофеј во Евролигата по новиот формат, односно осми шампионски наслов на Европа. Повеќе шампионски трофеи во елитното натпреварување има само Реал Мадрид, вкупно 10.
Шпанија и Италија се најтрофејни земји со по 13 освоени трофеи. Шпанските титули ги освоија три клуба, Реал Мадрид (10), Барселона (3), Бадалона (1), додека италијанските пет, Варесе (5), Олимпија Милано (3), Болоња (2), Канту (2), Виртус Рома (1).
Вил Клајберн – МВП
Кошаркарот на ЦСКА Москва, Вил Клајберн, е прогласен за најкорисен играч (МВП) на финалниот турнир од Евролигата. Тој е четврти кошаркар на ЦСКА што го добил престижното признание, по Тео Папалукас (2006), Трајан Лангдон (2008) и Нандо де Коло (2016). Клајберн сезонава зад себе има 475 постигнати коша, 51 асистенција и 23 блокади. Крилниот центар на турски Фенербахче, Чехот Јан Весели (29), пак, е избран за најдобар кошаркар сезонава во Евролигата.