КОШАРКА
Тимовите до 9 јули треба да се соберат во кампусот на Дизни на Флорида, каде што ќе се играат натпреварите, сезоната треба да продолжи на 30 јули, а плејофот треба да почне на 17 август
НБА-лигата им даде на кошаркарските екипи попрецизен распоред за рестартирање на сезоната, која е прекината во март поради пандемијата, вклучувајќи го и потребното тестирање за коронавирус овој месец и задолжителните индивидуални тренинзи во јули, пред тренинг-камповите. Лигата уште работи на комплетирање на здравствените и на безбедносните протоколи, пишува на интернет-страницата на НБА.
Така, според информациите, од 1 до 9 јули се задолжителните индивидуални тренинзи за играчите на 22 тима што ќе настапат во завршницата од сезоната во кампусот на Дизни во Орландо, на Флорида, каде што ќе се играат натпреварите. Од 7 до 9 јули се пристигнувањата на тимовите. Потоа, до 29 јули се тимските кампови, на кои ќе следуваат првичните тестирања.
Од 30 јули до 14 август е предвидено играње на натпреварите од регуларниот дел од сезоната, а НБА уште работи на комплетирање на распоредот. На 15 и 16 август, доколку е потребно, се двата натпревара во серија за утврдување на осмото место во секоја конференција, за влез во плејофот.
На 17 август треба да почне плејофот, но почетокот може да биде и на 15 или на 16 август ако нема потреба да се игра т.н. плејин (квалификациските мечеви за влез во доигрувањето). Плејофот-дуелите традиционално ќе се играат до четири победи.
На 30 август на ограничен број членови на семејството и гости на преостанатите тимови ќе им биде дозволено да пристигнат во кампусот на Дизни. Од 31 август до 13 септември се конференциските полуфиналиња, од 15 до 28 септември се финалињата на конференциите, а од 30 септември до 13 октомври се мечевите од финалето на НБА за сезонава.