Турскиот интернационалец Чеди Осман, кој е роден во Охрид, ѝ укажа чест на неговата родна земја Македонија, истакнувајќи го македонското знаме на опремата (на едната патика го имаше македонското знаме, а на другата турското), на олстар-мечот на ѕвездите во подем во НБА-лигата, што се одигра ноќеска во Шарлот.
– Роден сум во Македонија, а ја претставувам Турција. Двете знамиња на моите патики покажуваат дека тие обележја се постојано во моето срце. Знам дека оттаму добивам голема поддршка – кажа Осман.
Бекот на Кливленд кавалирс, кој ја игра својата втора сезона во НБА-лигата, забележа два поени и четири асистенции за тимот на интернационалците, во неговото прво учество на олстар-спектаклот.
Тимот на САД го победи тимот на остатокот од светот со 161-144 во натпреварот на ѕвездите во подем (учество земаат играчи кои настапуваат во својата прва или втора сезона во НБА-лигата) во рамките на олстар-викендот во најсилната светска кошаркарска лига, што се одржува во Шарлот.
Крилото на Лос Анџелес лејкерс Кајл Кузма беше избран за најкорисен кошаркар (МВП), откако оствари ефект од 35 поени, шест скока, две асистенции и една блокада. Триесет поени за САД додаде и крилото на Бостон селтикс, Џејсон Тејтум, а плејмејкерот на Атланта Хокс, Треј Јанг, забележа 25 поени, 10 успешни додавања и седум освоени топки. Плејмејкерот на Сакраменто кингс Диерон Фокс оствари најголем број на асистенции – 16. Најпрецизен за странците беше австралиската ѕвезда на Филаделфија севентисиксерс, Бен Симонс, со 28 поени. Словенечката ѕвезда на Далас маверикс, Лука Дончиќ, пак, имаше 13 коша и девет асистенции.