Не треба да размислуваме на евентуален пораз поради нашиот триумф во Скопје над Романија, напротив, да мислиме позитивно, вели Војдан Стојановски, пред мечот в четврток, клучен за пласман на Македонија во главните квалификации за ЕП 2021
Сакаме да го продолжиме овој квалификациски циклус онака како што го почнавме. Атмосферата во репрезентацијата е добра, победуваме, па затоа треба така да продолжиме и во Романија. Не треба да размислуваме на евентуален пораз поради нашиот триумф во Скопје, напротив, да мислиме позитивно. На мечевите со Косово и Романија шанса да заиграат добија и помлади кошаркари, па сметам дека тие и во иднина треба да добијат уште поголема минутажа, вели македонскиот репрезентативец Војдан Стојановски, на првиот ден од собирот на репрезентацијата пред дуелот на гости кај Романија в четврток, во Плоешти, во претквалификациите за пласман во главните квалификации за играње на Европското првенство (ЕП) во 2021 година.
На мини-соборот во малата сала на СЦ „Јана Сандански“, кој почна без селекторот Јорданчо Давитков (се очекуваше да се појави вчера), на паркетот се појавија Дамјан и Војдан Стојановски, Марко Симоновски, Димитар Караџовски, Бојан Трајковски, Дарко Соколов, Бобан Стајиќ, Андреј Магдевски, Бојан Крстевски и Љубомир Младеновски. Недостигаа Стојан Ѓуроски и Ричард Хендрикс, кои треба денеска да ѝ се приклучат на репрезентацијата. Неизвесен е Александар Костоски, а Андреј Маслинко откажа поради повреда.
Македонската репрезентација поради одложениот домашен Куп се собра два дена порано од предвидениот термин. Црвено-жолтите се на првата позиција во групата Б, со шест бода од трите победи во трите меча. Романија е втора со два бода помалку. Во меѓусебниот дуел во Скопје, Македонија ја совлада Романија со 14 поени разлика, па на црвено-жолтите би им одговарал и пораз до 13 поени в четврток, за да го зачуваат првото место во групата Б.