Пред завршниот трет квалификациски прозорец, предвиден за февруари в година, покрај домаќините Германија, Чешка, Грузија и Италија, на ЕП се пласираа и Шпанија, Израел, Хрватска, Словенија, Украина, Грција и БиХ. На ЕП 2022 треба да настапат вкупно 24 репрезентации

КОШАРКА – КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2022

Познати се седум европски репрезентации, кои веќе се пласираа на Европското првенство (ЕП) во 2022 година во Германија, Чешка, Грузија и во Италија, уште по вториот квалификациски прозорец одржан викендов. Сепак, сѐ ќе биде познато по третиот дел, предвиден за февруари 2021 година. Покрај домаќините, на ЕП се пласираа актуелниот европски првак Словенија (од групата Ф), потоа Шпанија, Израел (група А), Хрватска (група Д), Украина (група Ф), Грција и БиХ (група Х). На ЕП 2022 треба да настапат вкупно 24 репрезентации.
ФИБА реши да ги одложи дуелите на македонската репрезентација со Италија и со Естонија за во февруари, поради појава на ковид-19 кај четворица кошаркари.
– Македонската репрезентација вчера требаше да се врати во Скопје, но во Талин остануваат четворицата наши кошаркари, кај кои пред два дена било утврдено присуство на ковид-19. Според протоколот на ФИБА што е во сила, тие нема да можат да ја напуштат Естонија до добивање прв негативен ПЦР-тест потврден од страна на овластена медицинска лабораторија во Естонија, направен седум дена по претходното тестирање, во овој случај на 28 ноември. Доколку тестовите уште еднаш бидат позитивни во рок од три дена, тие ќе мора да бидат тестирани уште еднаш и најдоцна во рок од 10 дена ќе ја напуштат Естонија. Дотогаш тие ќе бидат во целосен карантин – велат од КФМ.