Фактот што гласањето на обожавателите беше непроменето, и покрај постојната пандемија на ковид-19, беше една од главните причини што НБА одлучи да се одржи олстар-натпреварот, вели комесарот на лигата, Адам Силвер.

КОШАРКА – НБА

Комесарот на кошаркарската НБА-лига, Адам Силвер, во интервју за „Асошиејтед прес“, рече дека фактот што околу 100 милиони гласови ги дадоа навивачите за олстар-поставите, покажува дека луѓето што ја следат играта на глобално ниво сакаат да се игра олстар-мечот во средина на сезона. А лигата не сакаше да ги разочара.
– Големиот број гласови што го добиваме од нашите обожаватели за олстар-натпреварот се најголемиот фактор. Историски гледано, во модерната дигитална ера, имаме приближно 100 милиони луѓе што гласаат за нашите ѕвезди, а излеговме приближно исто и годинава, дури и во услови на скратен период на гласање – рече Силвер.

Лигата соопшти дека кошаркарите приватно ќе летаат со авион во Атланта, тие ќе престојуваат во хотел една ноќ, ќе го играат натпреварот на 7 март и веднаш потоа ќе се вратат назад. Планот, комбиниран со тековно секојдневно тестирање на коронавирусот и без настани на олстарот, ќе ги минимизира ризиците.
– Знаеме дека не можеме да го отстраниме ризикот целосно. Никогаш не можеме во услови на пандемија – вели Силвер.
НБА-лигата го промовира глобалниот дострел на играта со години и олстар-натпреварот не е исклучок, со тоа што играта треба да се прикажува во повеќе од 200 земји и да се емитува на околу 40 јазици. Лигата очекува една милијарда прегледи на видеата на социјалните мрежи од настанот, закажан за недела.