Кошаркарскиот клуб МЗТ Скопје седми пат стана првак на Македонија, откако со 3-0 ја доби финалната плејоф-серија против Работнички и на тој начин по едногодишна пауза го врати шампионскиот пехар во Аеродром. Титулата беше заверена во СЦ „Јане Сандански“ со третата победа (85-78). Металците претходно освојуваа титули од 2012 до 2017 година.
Двата финалисти се наедно и најтрофејните во Македонија. Работнички 20-ти пат играше за првенствената титула (има освоено 15), а за МЗТ Скопје ова беше осмо финале во низа, вкупно 14-то во нивната клупска историја. Капитенот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојановски, беше прогласен за најкорисен играч (МВП) во финалната серија.
– Дуелите со Работнички никогаш не се лесни, бидејќи секогаш мора да се даде максимумот за да се дојде до целта. Ја заслуживме титулата, оти цела сезона игравме добро. Останува тагата што не влеговме во Првата јадранска лига, но затоа оваа титула е како мелем за таа рана – вели репрезентативецот Стојановски, кој четврти пат го доби МВП-признанието.