Се одржа првиот тренинг на кандидатите за место во сениорскиот национален тим, кој летово ќе учествува во претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година. За денеска е закажан и првиот тренинг со поширокиот сениорски состав
Кошарка
Во малата сала на СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, во саботата беше одржан првиот тренинг на кандидатите за место во сениорскиот национален тим, кој летово ќе учествува во претквалификациите за пласман на Светското првенство во 2023 година. За денеска е закажан и првиот тренинг со поширокиот сениорски состав.
На првиот тренинг под водство на новиот македонски селектор Драган Бајиќ и неговите асистенти, Александар Јончевски, Адмир Прасовиќ и Александар Кукриќ, присуствуваа 17 кошаркари. Со овие кошаркари се предвидени четири тренинзи и тие ќе послужат за целосен увид во квалитетите и формата на нашите надежни репрезентативци, од кои најголем дел се веќе во составите на селекциите до 18, односно до 20 години.
– Сакав да ги видам сите кошаркари што моментно ги имаме на располагање, а се дел од репрезентативните селекции. Во овие два дена, односно неколку тренинзи, треба да го дефинираме списокот со кошаркари на кои би можел да сметам за работа во сениорскиот национален тим. Веќе имав консултации со моите колеги, кои се предводници на селекциите до 18 и до 20 години. Сакав и го слушнав и нивното мислење, што секако многу ќе ми значи, особено во изборот на оние играчи што ќе бидат дел и од сениорскиот репрезентативен состав – изјави Бајиќ по првиот тренинг.
Македонија во претквалификациите за Светското првенство е во групата Ф заедно со Швајцарија и со Словачка, а првопласираните две селекции ќе бидат дел од главните квалификации за Мундијалот. На 12 и на 16 август, Македонија ќе игра со Швајцарија, а на 14 и на 18 август со Словачка на турнирот во Скопје.