КОШАРКА

Селекторот Бајиќ на сениорскиот состав ќе приклучи дел од јуниорските репрезентативци до 20 и до 18 години, на подготовките од понеделник за августовските мечеви со Швајцарија и со Словачка
Селекторот на македонската сениорска кошаркарска репрезентација, Драган Бајиќ, го објави поширокиот список со потенцијални репрезентативци за претквалификациите за пласман на Светското првенство (СП) во 2023 година, кои ќе се одржат во Скопје (12-18 август). Подготовките треба да почнат в понеделник. За да има целосен увид во македонскиот репрезентативен потенцијал, Бајиќ на поширокиот список, покрај сениори, вклучи и актуелни јуниорски репрезентативци до 20 и до 18 години. Според предвидениот план, некои од нив ќе им се приклучат на сениорите за мечевите во групата Ф со Швајцарија и со Словачка. Првопласираните две селекции ќе бидат дел од главните квалификации за СП 2023, во кои ќе играат вкупно 32 репрезентации. На 12 и на 16 август Македонија ќе игра со Швајцарија, на 14 и на 18 август со Словачка, а Швајцарија и Словачка ќе играат меѓу себе на 13 и на 17 август.
Список, сениори: Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Бојан Крстевски, Адем Мекиќ, Бојан Трајковски, Бобан Стајиќ, Горјан Марковски, Дамјан Робев, Љубомир Младеновски, Ненад Димитријевиќ, Андреј Јакимовски, Стојан Ѓуровски, Џејкоб Вајли. Список, јуниори: Максим Митевски, Димитар Иванов, Михаил Наумоски, Лука Савиќевиќ, Андреј Андоновски, Леонид Тодоровски, Лејсон Зекири, Виктор Ефремовски, Валмир Какруки, Оливер Двојаковски, Андреј Настовски, Андреј Митревски, Иван Волкановски, Теодор Симиќ, Дино Боцевски, Марко Миловановиќ, Рубин Стефанов.