Кога кошаркарот на НБА-клубот Атланта хокс, Треј Јанг, погоди тројка на оддалеченост од преку 10 метри од кошот против Лос Анџелес лејкерс во ноември, тој покажа кон место на паркетот на „Стејплс центарот“ кое нема нема обележје, а со тоа ниту конкретно значење. Станува збор за место што ја означува линијата за четири поени обележана во тренинг-центарот на Атланта хокс , објавува магазинот „И-ес-пи-ен“. Линијата за четири поени е оддалечена за дополнителни 1,5 метри во однос на обележјето за тројка поставено на 7,24 метри од кошот.
– Секогаш се обидував ја зголемам оддалеченоста од која шутирам, бидејќи шутирањето од подалеку е неочекувано за противниците – објаснува Јанг, кој постојано е охрабруван да шутира од далечина, и покрај скромниот процент на погодени удари за три поени од 24,1 отсто сезонава.
Повеќе тимови ја воведоа практиката со новата линија уште во сезоната 2016-2017. Атланта ја презема идејата од Филаделфија севентисиксерс, додека шутирањето за четири поени на тренинзите го усвоија и Бруклин нетс и Чикаго Булс. Тренерот на Филаделфија Брет Браун додаде дополнителни маркери, означи посебни зони и ја подели подлогата на теренот за тренинг, со цел да им помогне на кошаркарите подобро да се позиционираат, односно да ја „рашират“ играта.
Кога Мајк Баденхолзер, пак, беше назначен за тренер на Милвоки Бакс сезонава, тој даде инструкции за поставување пет квадрати што ја означуваат дистанцата за четири поени, каде што неговите кошаркари треба да бидат поставени на почетокот на нападите. Благодарение на новиот начин на тренинг, Милвоки го има најефикасниот напад во НБА сезонава (117,6 поени по меч).
Можноста за шутирање од поголема далечина му дава дополнителни опции на нападот, бидејќи создава поголем простор на теренот кога противничките дефанзивци се приморани да отстапат подалеку од кошот.
Офанзивниот бум во НБА-лигата во изминатите години, поттикнат од статистичката анализа на мечевите, ги наведе тренерите да воведат нови тренинг-методи за да одржат чекор со модерниот начин на игра, со што осмислуваат нов изглед на кошаркарскиот терен.
НБА-тимовите бележеа 13,7 обиди за три поени по меч на почетокот на 21-от век. Овој просек се зголеми на 18,4 удари од далечина во сезоната 2011-2012, додека во тековното издание на НБА-лигата изнесува 31,2 обиди за три поени по натпревар.