Меѓу врвните остварувања во НБА се тие на Карим Абдул-Џабар, Карл Мелоун, Џон Стоктон, Вилт Чембрлен и на Хаким Олајџувон

КОШАРКА – ОТКАКО БЕШЕ СОБОРЕН НАЈДОБРИОТ РЕЗУЛТАТ ВО ПОСТИГНАТИ ТРОЈКИ ВО НБА

Рекордот за погодени тројки неодамна беше соборен во кошаркарската НБА-лига, но што е следно? Стеф Кари го привлече вниманието во претходните неколку недели, кога го бркаше, а потоа го собори рекордот за три поени. Леброн Џејмс има солидна шанса да го достигне рекордот во вкупен број поени, а се наоѓа високо на листите во други категории и може да биде во врвните 10 во погодоци, скокови и во асистенции, пишува НБА на својата интернет-страница. Во продолжение преглед на други големи рекорди во НБА (статистиката за активните лидери сезонава е до 16 декември).
ПОСТИГНАТИ ПОЕНИ: Рекордер е Карим Абдул-Џабар со 38.387 поени, а активен лидер е Леброн Џејмс со 35.811 поени. Ова е, се разбира, најзначајниот меѓу рекордите во кариерата. Ако Џејмс не отсуствува подолг временски период, тој може да го достигне Абдул-Џабар, а тоа би можело да се случи најрано на крајот на следната сезона, пишува НБА.

ОДИГРАНИ МИНУТИ: Карим Абдул-Џабар – 57.446. Активен лидер: Леброн Џејмс – 50.686. Повторно под претпоставка дека нема да отсуствува, овој рекорд е достижен за Џејмс. Претходниот пат кога одигра 82 натпревари, имаше над 3.000 минути. Сепак, набиениот распоред на НБА во претходните две сезони предизвикан од коронавирусот не помогна. Ако Џејмс не го достигне Абдул-Џабар, некој друг ќе го достигне, бидејќи медицинскиот напредок и подобрите фитнес-програми и диети им дозволуваат на играчите да ја продолжат кариерата, пишува НБА. Единствениот друг активен кошаркар во врвните 25 е Кармело Ентони, кој е 24-ти на листата со 42.521 минута.
ПОГОДЕНИ СЛОБОДНИ ФРЛАЊА: Карл Мелоун – 9.787. Активен лидер: Леброн Џејмс – 7.640. „Поштарот“ често стигнуваше до линијата за слободни фрлања во текот на кариерата и постепено стануваше подобар во проценти како што се приближуваше до 30-тите години. Тој го држи и рекордот за најмногу обиди, со 13.188.
АСИСТЕНЦИИ: Џон Стоктон – 15.806. Активен лидер: Крис Пол – 10.558. Дури и да има просек од 500 асистенции, а тој го надминал само еднаш во претходните четири сезони, Пол ќе треба да игра уште 10 години за да го надмине Стоктон. Играчот што ќе постави нов рекорд ќе треба да игра многу минути по меч, да биде доволно издржлив за да одигра околу 20 сезони и ќе треба да има барем еден стрелец во Куќата на славните како тимски колега, како што имаше Стоктон во Карл Мелоун. Плус, позицијата бек е променета, па повеќето денес се повеќе стрелци отколку дистрибутери, пишува НБА. Само уште двајца играчи (Кевин Портер, Ајзеа Томас) достигнаа 1.000 асистенции во една сезона и тие го направија тоа еднаш. Стоктон го стори тоа седум пати.

СКОКОВИ: Вилт Чембрлен – 23.924. Активен лидер: Двајт Хауард -14.405. Ќе биде потребен посебен центар за да го собори рекордот на Чембрлен. Тој ги постигна тие бројки затоа што играше во многу поинаква ера, која ја фаворизираше височината, со која беше лесно за него да доминира, пишува НБА. Сѐ додека има промашени удари, ќе има и скокови, па дури и ако стилот на играта еволуира и се менува, скоковите нема одеднаш да станат ретки. Од другите, Деандре Џордан има 10.012, а Џејмс 9.852.
БЛОКОВИ: Хаким Олајџувон – 3.830. Активен лидер: Двајт Хауард – 2.209. Ова нагласува колку Олајџувон бил извонреден како комплетен кошаркар на двете страни на теренот, тој најде енергија и напор да се издигне во одбраната и во офанзивата. Овој рекорд може да се достигне, но само од играч што е вклучен во одбраната од самиот почеток до крајот на кариерата, пишува НБА.

УКРАДЕНИ ТОПКИ: Џон Стоктон – 3.265. Активен лидер: Крис Пол – 2.389. Пол повторно брка рекорд на Стоктон. Пол има просек од 105 украдени топки во претходните четири сезони, и користејќи го тоа како пример, ќе треба да одигра уште околу осум сезони. Неверојатно, Стоктон водеше во лигата во украдени топки само двапати во неговата 19-годишна кариера, но, исто како и со рекордот за асистенции, Стоктон беше неверојатно доследен, иако не стана стандарден стартер во Јута до неговата четврта сезона. Џејмс има 2.093 украдени топки, Андре Игудала 1.743, а Расел Вестбрук 1.658.