Амаури Пасос (Бразил) МВП на СП 1959

ИСТОРИЈАТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА ВО КОШАРКА (2)

Годинава во Кина (31 август – 15 септември) ќе се одржи 18-то Светско првенство (СП) во кошарка. Во пресрет на овој голем спортски настан, во неколку продолженија накратко ќе се потсетиме на историјатот на мундо-баскетот

Второто Светско првенство (СП) се одржа пред 65 години (1954), домаќин беше Бразил, а натпреварите се играа во Рио де Жанеиро (23 октомври – 12 ноември). За разлика од првото, кога настапија 10 селекции, сега имаше две повеќе, а за првпат имаше претставници од Азија (Филипини и Кинески Тајпеј). Немаше прелиминарни фази како во 1950 година, туку веднаш се почна по групи (четири), со по три репрезентации.
Интересно е што победникот на првото СП, Аргентина, не учествуваше, а Јужна Америка ја претставуваа Уругвај Перу, Чиле, Бразил и Парагвај. Од Северна Америка играа САД и Канада, а од Европа, Југославија, Израел и Франција.

Карлос Лојзага (Филипини)

Во финалната група доминираа селекциите на САД и Бразил, додека Филипини, иако беа далеку од нив по својот квалитет, успеаја без проблем да го освојат третото место. За златото решаваше дуелот САД – Бразил, а тука Бразилците немаа никакви шанси и загубија убедливо со 41-62. За САД ова беше првиот златен медал.
Уругваецот Оскар Моглиа беше прв стрелец на СП со 168 коша на девет средби (18,7 во просек по меч), а втор Канаѓанецот Карл Рид со четири поени помалку. Покрај Моглиа, во најдобрата петорка се најдоа уште Американецот Кирби Минтер, Филипинецот Карлос Лојзага и Бразилците Зени де Азеведо и Вламир Маргеш.
Третиот во низа мундо-баскет се одржа во Чиле во 1959 година (16-31 јануари), во конкуренција на 13 репрезентации, поделени во три групи со по четири тима и Чиле, кој како домаќин имаше директен пласман во вториот круг. На СП првпат заиграа Порторико, Советскиот Сојуз, Бугарија, Обединетата Арапска Република и Мексико, а се врати Аргентина.

Сепак, во завршната фаза, кошарката не беше во преден план. Во тоа време Кина не го признаваше Кинески Тајпеј, па другите комунистички држави што ја поддржуваа Кина (Советскиот Сојуз и Бугарија) одбија да играат со Кинески Тајпеј. ФИБА ги казни Советите и Бугарите, па така големиот фаворит, Советскиот Сојуз заврши на шестото, а Бугарија на седмото место.
Златото го освои Бразил откако во финалето ја совладаа САД со 81-67 и на тој начин им се одмаздија на САД за поразот на минатото финале во својата држава. Бронзата ја освои Чиле.

МВП на ова СП беше Бразилецот Амаури Пасос, а покрај него во најдобрата петорка влегоа и сонародникот Вламир Маргеш, Бугаринот Атанас Атанасов, Советот Јанис Круминш и Порториканецот Хуан Висенс. Најдобар стрелец беше Џејмс Чен од Кинески Тајпеј со 20,1 поени во просек по натпревар.