Американската кошаркарска репрезентација остана без уште едно големо име, од составот за СП во Кина отпадна и ветеранот Кајл Лаури, плејмејкерот на НБА шампионот, Торонто репторс. Тој не успеа навреме да се рехабилитира од повредата на палецот на левата рака.
Од поодамна се дозна дека својот настап на Мундобаскетот го откажаа ѕвездите Џејмс Харден и Ентони Дејвис.
– Се надевав дека ќе бидам подготвен за турнирот, но не успеав да се вклучам во кошаркарските активности. Се надевав дека ќе можам да и се ставам на располагање на мојата земја во походот по златото. Сакам да играм за американската селекција, но овој турнир морам да го пропуштам и да навивам за момците од дома – изјави Лаури.
Ден пред неговото откажување од селекција, тимот предводен од Грег Попович го напушти и Марвин Бегли од Сакраменто кингс.
Сега селекторот на располагање има 15 играчи, а конечниот список ќе мора да го заклучи со 12. Конечната одлука кои играчи ќе патуваат за Кина може да се заклучат на 2 дена пред почетокот на Мундијалот, што значи дека списоците мора да се затворат до 29. август.
САД на СП е во група со Турција, Чешка и Јапонија.
Првиот меч Американците го играат против Чесите на 1 септември. Двете најдобри селекции од групата ќе се пласираат во вториот дел од групната фаза каде ќе е спојат со двете најдобри во групата Ф каде се Грција, Нов Зеланд, Бразил и Црна Гора.