Очекувано, првиот тренинг не беше во посакуваниот комплетен состав. Отсуствуваа интернационалките, како и кошаркарките на Бадел 1982 и на Баскет КАМ, кои претходно имаа меѓународни настапи

КОШАРКАРКИТЕ ГИ ПОЧНАА ПОДГОТОВКИТЕ ЗА КВАЛИФИКАЦИТЕ ЗА ЕП 2023

Со првиот тренинг и официјално започнаа подготовките за првиот прозорец од квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2023 година. Нѐ очекува период во кој, покрај тактичкиот дел, ќе ја градиме и тимската атмосфера, која за мене и стручниот штаб на репрезентацијата претставува една од најважните работи за успех, вели македонскиот селектор Александар Ашаданов.
Собирот беше одржан во салата на СРЦ „Кале“, каде што репрезентативките ќе тренираат двапати дневно до заминувањето за Германија, каде што на 11 ноември треба да го играат првиот меч, а три дена подоцна во Скопје е натпреварот со БиХ. Очекувано, првиот тренинг на новиот селектор Ашаданов не беше во посакуваниот комплетен состав. Отсуствуваа интернационалките, како и кошаркарките на Бадел 1982 и на Баскет КАМ, кои претходно имаа меѓународни настапи.
– Започнавме со помал број репрезентативки, но веќе на следниот тренинг очекуваме да ни се приклучат Илина Селцова, Матеја Николиќ, Александра Стојановска, Нена Трајчевска, Марија Димитријевиќ, Мартина Блажевска, Цветанка Димова и Ивана Кметовска. Кошаркарките на Бадел 1862 се поштедени од првиот тренинг поради вчерашното гостување во ВАБА-лигата.
Ашаданов очекува репрезентацијата да биде комплетна на почетокот на идната седмица.
– Целосното комплетирање на репрезентацијата е в понеделник, кога ќе се појават Анџелика Митрашиновиќ, Девана Бонер, Тијана Митрева и Ивона Кожобашиоска, кои имаат обврски со клубовите во кои настапуваат – вели македонскиот селектор.