Македонија на турнирот во Русија двапати треба да игра со Италија, која веќе обезбеди пласман на ЕП 2022, како една од државите-домаќини, а по еднаш со Русија и со Естонија. Освен Италија, од оваа група на ЕП ќе се пласираат уште две репрезентации
СЕЛЕКТОРОТ ТОДОРОВ ГИ ОДРЕДИ КОШАРКАРИТЕ ЗА ТУРНИРОТ ВО ПЕРМ
Македонската машка кошаркарска репрезентација, денеска, од 13 часот, во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје, ќе ги почне мини-подготовките за третиот и решавачки квалификациски турнир (од 18 до 22 февруари), во рускиот град Перм, во квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП) в година, во Италија, Грузија, Германија и во Чешка.
Селекторот Александар Тодоров го соопшти и скратениот список со 17 кошаркари на кои смета за овој турнир. Во Скопје ќе бидат одработени вкупно пет тренинзи. Првите четири се од 13 часот, додека петтиот, в недела, ќе биде од 15 часот, односно во термините кога треба да се играат и дуелите во Перм. На 15 февруари во раните утрински часови е планирано со специјален чартер-лет да се замине за Перм.
Првобитниот поширок список од 24 кошаркари е скратен на 17, со тоа што Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски подоцна ќе се приклучат на подготовките. Во репрезентацијата ќе дебитира, меѓу другите, Американецот Џејкоб Вајли.
Македонија за пет дена во Перм двапати треба да игра со Италија, која веќе обезбеди пласман на ЕП, како една од државите-домаќини, а првиот дуел е на 18 февруари. Еден ден потоа следува средбата со Русија, а по слободниот ден, повторно со Италија. На 22 февруари е мечот со Естонија.
На табелата во групата Б води Италија, со шест бода (од три меча), а потоа следуваат Русија со шест (четири средби), Естонија со четири (три) и Македонија со два (два меча) бода. Освен Италија, од оваа група на ЕП ќе се пласираат уште две репрезентации.
Состав на репрезентацијата
Андреј Магдевски, Кристијан Николов, Дамјан Стојановски, Бојан Крстевски, Филип Бакоч (сите од МЗТ Скопје Аеродром), Лука Савичевиќ (МЗТ Скопје Уни Банка), Љубомир Младеновски, Виктор Ефремовски (двајцата од Работнички), Марко Симоновски (Кожув), Андреј Митревски (ТФТ), Дамјан Робев (Куманово 2009), Бојан Трајковски (Пелистер), Војдан Стојановски (Гравелин-Данкерк, Франција), Теодор Симиќ (Барселона, Шпанија), Џејкоб Вајли (Гран Канарија, Шпанија), Ненад Димитријевиќ (Хувентуд, Шпанија), Стојан Ѓуроски (Аликанте, Шпанија).
РАСПОРЕД НА МЕЧЕВИТЕ
Македонија – Италија 18.2
Македонија – Русија 19.2
Македонија – Италија 21.2
Македонија – Естонија 22.2