ИСТОРИЈАТ НА СВЕТСКИТЕ ПРВЕНСТВА ВО КОШАРКА (3)
Годинава во Кина (31 август – 15 септември) ќе се одржи 18-то Светско првенство (СП) во кошарка. Во пресрет на овој голем спортски настан, во неколку продолженија накратко ќе се потсетиме на историјатот на мундо-баскетот
Четвртото СП се одржало во Бразил во 1963 година, иако не било предвидено таму. Домаќин требало да биде Филипини, и тоа една година порано, но претседателот на таа држава Диосдадо Макапагал одбил да им даде визи на кошаркарите од социјалистичките држави, па Светската кошаркарска федерација (ФИБА) му го одзела домаќинството на Филипини и му го доделила на Бразил. На СП настапиле уште 13 селекции поделени во три групи.
Во групата А биле СССР, Франција, Уругвај и Канада. Тука доминирале Советите, а втора во групата завршила Франција. Во групата Б била Југославија, репрезентација што во годините што следуваа стана светска кошаркарска велесила. Во нејзините редови тогаш играле Радивој Кораќ, Иво Данеу, Јосип Ѓерѓа, Немања Ѓуриќ и многу други талентирани играчи. Југословените биле убедливи против Перу и Јапонија, а понатаму се пласирало и Порторико. Во групата Ц играле САД, Италија, Мексико и Аргентина, а понатаму продолжиле САД и Италија.
Во финалната група се пласирале Бразил, СССР, Француска, Југославија, Порторико, САД и Италија. Југославија одлично продолжила, победени биле САД (75-73), Порторико (73-57), Италија (85-74), Франција (99-63). Сепак, убедливо загубила (71-90) од Бразил, кој подоцна станал светски првак и со тоа го освоил својот втор златен медал во низа. Бронзата му припаднала на СССР.
Перуанецот Рикардо Дуарте бил прв стрелец на СП со 23,1 поени во просек по меч. Во најдобрата петорка на шампионатот влегле Советот Александар Петров, Американецот Дон Којс, Французинот Максим Дориго и Бразилците Амаури Пасос и Вламир Маргеш, од кој последниов бил прогласен и за МВП на турнирот.
Петтиот мундо-баскет се одиграл во 1967 година, а домаќин повторно била Јужна Америка, поточно Уругвај, каде што настапиле 13 држави. Југославија, која го освои второто место на претходното СП, повторно имала забележителна улога, односно го повторила успехот од Бразил пред четири години. Нејзините легендарни играчи Крешимир Ќосиќ, Иво Данеу, Радивој Кораќ, Петар Сканси, Јосип Ѓерѓа и другите успеале да ги победат во својата група Мексико (86-73), Италија (71-62) и САД (76-71).
Во групата Б играле СССР, Аргентина, Перу и Јапонија. СССР убедливо доминирал со три победи, а понатаму отишла и Аргентина. Во групата Ц биле Бразил, Полска, Порторико и Парагвај. Бразил бил прв со три победи, а Полска втора.
Во најтесниот круг за медали се бореле, СССР, Југославија, Бразил и САД. Југославија ја отворила финалната група со триумф над Полска со 82-79 (Кораќ дал 27 коша), Бразил со 87-84 (бекот Данеу реализирал 22 поени), Аргентина со 93-69. Сепак, неочекуван пораз (57-58) бил доживеан од Уругвај, а по голема битка биле совладани САД, со 73-72 (Данеу уфрлил 27 поени).
Дуелот Југославија – СССР практично одлучувал за новиот светски првак, а тука Советите славеле со 71-59 и така се искачиле на победничкиот пиедестал само со еден пораз, од САД (58-59).
Данеу бил најкорисен играч на СП, а покрај него во најдобрата петорка уште влегле и Кораќ, Полјакот Мјечеслав Лопатка, Советот Модестас Паулаускас и Бразилецот Луис Клаудио. Најефикасен на СП бил Лопатка со 19,7 поени во просек по меч.