Некогашниот германски репрезентативец е нов претседател на Комисијата за кошаркари при ФИБА
Поранешниот германски репрезентативец и суперѕвезда од НБА-лигата, Дирк Новицки, е назначен за претседател на Комисијата за кошаркари на првиот состанок на централниот одбор на Светската кошаркарска федерација (ФИБА) за новиот мандат. Тој, исто така, влезе во 25-члениот централен одбор на ФИБА.
Новицки има славна играчка кариера за Германија и повеќе од 15 години беше одличен на голем број турнири во ФИБА. Тој ја предводеше својата земја до најдобриот резултат на светските првенства, во 2002 година, до третото место, а беше предводник и за пласманот во финалето на Европското првенство во 2005 година. Во 2011 година го предводеше Далас до првиот шампионски трофеј во НБА. Годинава Новицки ја заврши својата кариера во НБА, каде што 21 година играше за Далас.
– Чест ми е што ми е укажана оваа можност. Со нетрпение очекувам да ги претставувам играчите во рамките на ФИБА и да ги пренесам нивните ставови на масата на која се донесуваат одлуки. Возбуден сум од оваа нова улога и тоа што ќе работам заедно со активните и со пензионираните играчи низ светот за да се обезбеди интересите на играчите да се слушнат – рече Новицки за интернет-страницата на ФИБА.
Во 2014 година, ФИБА објави формирање на првата комисија за играчи што ги претставува интересите на главните актери на спортот. Владе Дивац беше назначен за прв претседател за мандатот од 2014 до 2019 година. Оваа комисија е составена од 14 члена.