Нам во играта моментно ни недостигаат брзина, шут и волја за работа. Македонската кошарка денес нема свој стил на игра, нема агресивност, како во нападот така и во одбраната, не ги користи контранападите. Ова што го направивме со овие кошаркари во овие два претквалификациски циклуса за ЕП беше пионерска работа. Сега треба ум во главата, да се направат план и програма за понатамошна работа, која ќе почне токму од базата, од клубовите, вели Лечиќ

Клубовите треба да работат за репрезентацијата. Ако во нив се работи исправно, тогаш може нешто да се стори на овој план. Посебна улога треба да имаат оние што се клучни за создавање репрезентативни кошаркари, како што се Работнички и МЗТ Скопје. Но тие, за жал, денес немаат играчко „производство“, за разлика од мојот некогашен Работнички, кој имаше по 9-10 играчи во разни возрасни категории, но и свој препознатлив стил на игра. Првенството, а особено неговиот квалитет е приказна за себе, а и тоа како се води клупската политика, која сега е погрешна. Посебно треба многу да се работи со младите кошаркари. Нашите високи центри помалку играат во своите клубови оти се земаат странци. Едноставно, тие мора да имаат поголема минутажа. Понатаму, се нема јасна стратегија, клубовите се без силни управи, во кои најчесто одлучуваат тие што даваат пари. Недостига организација, јасна цел, пари, а притоа се потпираат на многу странски играчи, кои, пак, ги задушуваат нашите кошаркари, кои играат помалку. Значи, не е сѐ во резултатите, потребно е и кошаркарско производство, вели прославениот македонски кошаркарски стручњак Лазар Лечиќ (80) во интервјуто за „Нова Македонија“.

Како го оценувате настапот на македонската репрезентација на последните два претквалификациски циклуса за ЕП 2021?
– Ова што го направивме со овие кошаркари во овие два претквалификациски циклуса за ЕП беше пионерска работа. Сега треба ум во главата, да се направат план и програма за понатамошна работа, која ќе почне токму од базата, од клубовите. Моментно сме дефицитарни на центарската позиција, а чудна работа е што не создаваме ниту надворешни играчи, и тоа повеќе години. За главните квалификации ќе ни треба еден висок квалитетен центар, и тоа по можност странец, кој ќе може да ги анулира недостатоците на оваа позиција. Секако, многу е битно и кои ривали ќе ги добие Македонија по ждрепката, па оттаму и да се бара центар според нив.

Ќе ја видиме ли Македонија на ЕП 2021?
– Македонската кошарка денес нема свој стил на игра, нема агресивност, како во нападот така и во одбраната, не ги користи контранападите. Но за една мала држава како што е нашата, постојниот квалификациски систем за ЕП е многу добар, бидејќи на ЕП одат по три екипи од четири можни од секоја група и тоа ќе треба да се искористи. Но многу работи ќе зависат и од ждрепката.

Како ја оценувате денешната кошарка?
– Нам во играта моментно ни недостигаат брзина, шут и волја за работа. Ако сакаме да одиме напред, мора да поработиме на овие елементи, односно да го вратиме стилот што го имаше Работнички во своето време, кога во салата во Градскиот парк не можеше да се најде слободно место. Тогаш имаше ѕвезди поради кои публиката доаѓаше во салите, а се играше атрактивна кошарка, тоа што денес не можеме да го видиме. Сѐ се сведува на тоа дека оној или овој е талент и – толку. Иако мојата статистика говори дека имам над 1.200 натпревари како тренер, од кои 450 во Првата лига, што сметам дека е повеќе отколку сите наши сегашни тренери заедно, денес ретко кој контактира со мене од тренерскиот кадар или, пак, бара некаков совет. Тие денес не сакаат да слушнат ниту добронамерна критика, како на пример што треба да коригираат и во која фаза во нивната поставеност на играта.


Полуфинале на КПК, награда за животно дело…

Лазар Лечиќ (80) е добитник на државната награда „8 Септември“ за животно дело во 2015 година во областа на спортот. Како тренер со Работнички стигна до полуфиналето во Купот на куп-победниците, каде што на гости загуби од милански Чинцано со 24 поени разлика, во Скопје победи со 19, а во групната фаза беа совладани ЦСКА Софија, Олимпијакос… Како помошник-тренер во југословенската селекција освои златен медал на СП 1970 во Љубљана, а ја предводеше Југославија на младинското ЕП 1971. Во богатата тренерска кариера ги водеше Работнички, Борац, Олимпија, Војводина, МЗТ Скопје, Арис, Никол ферт.
По неговите стапки тргнаа и два негови внука. Помалиот Никола тренира во Работнички, генерација 2003, а постариот Андреј, кој го испече тренерскиот занает во Белград, Денвер и во Јута, денес работи со генерациите 2004 и 2005 и со македонската репрезентацијата (под 14).


Да се формира младинска балканска лига

Сметам дека во моментов ни недостига една балканска лига за млади категории кошаркари од 16 и 18 години, каде што ќе играат и ќе може да се афирмираат како играчи. Во оваа лига би ги вклучил и Грција и Бугарија, покрај другите од поранешна Југославија. Клубовите во Првата лига, пак, мора итно да имаат млади категории од 12 до 18 години, кои ќе тренираат редовно, а со нив да работат најдобрите тренери. Но, за жал, денес се работи без концепт. Треба да се има управа во клубовите што ја сака кошарката, да работи за неа, а не само да даваат пари и тие потоа да бидат главни. Ни требаат квалитетни натпреварувања, но и да играат во своето опкружување, каде што ќе учат, односно постепено ќе стекнуваат интернационално искуство и квалитет, смета Лазар Лечиќ, кој и денес, како и порано, со голем жар реагира на кошаркарските натпревари.


Многу признанија за документарниот филм „Шестиот играч“

За Лазар Лечиќ е снимен и 10-минутниот филм „Шестиот играч“, кој ги следи неговите емоционални реакции и гестови на тренерската клупа. Филмот е награден со бронзен „триглав“ за најдобар спортски документарен филм во 1976 година, а ја поделил и првата награда во САД, со документарецот за славните боксери Али и Форман. Исто така, Лечиќ е дел и од документарецот „14 гневни“, кој зборува за најдобрите тренери од просторите на поранешна Југославија.


Одбрана наречена „Лазар Лечиќ крст-одбрана“

Работнички токму поради ударите од далечина и агресивната одбрана стана препознатлив и оригинален во Првата југословенска лига. Негувавме брза игра, зонски пресинг, како и одбрана во формација 1-3-1, позната како „Лазар Лечиќ крст-одбрана“, која многу успешно ја применувавме, објаснува Лечиќ.


Во наше време повеќе соработувавме, денес веднаш сите си одат дома

Немаме професионален селектор, ни сениорски ни јуниорски. А токму тие треба да ја следат лигата, тренинзите на играчите, да комуницираат со клупските тренери, кошаркарите, како што тоа јас го правев во моето време. Не може еден тренер да работи претпладне една работа, а попладне да биде со кошаркарите. Во наше време повеќе соработувавме, се дружевме, седевме и разговаравме по мечевите, а денес веднаш сите си одат дома, што е голем минус, вели Лечиќ.