Скандалот во кој е опфатена кошааркарската НБА-лига во Кина не е заснован единствено врз начинот на функционирање на бизнисот во најмногубројната светска држава, туку и на тоа како славните личности се грижат за нивните профитабилни глобални брендови. А НБА-ѕвездите секако се меѓу најпрепознатливите јавни личности. Овие кошаркари сега го проучуваат неофицијалниот кинески прирачник за јавни личности кој холивудските ѕвезди го користат во изминатите 20 години, пишува „Волстрит џурнал“.
Проблемите на НБА во Кина имаат претходница. Раниот излет на Холивуд на кинескиот пазар беше проследен со негови судири со слободата на говорот и со авторитативната политика, додека во прашање има влог од милијарди долари.
Тензиите во филмскиот бизнис се случија во 1997 година кога премиерно беа прикажани два филма за Далај лама – „Седум години во Тибет“ и „Кундун“. Заработката од Кина тогаш не беше во прв план за холивудските студија, поради пласманот на мал број на филмови на кинескиот пазар, но Кина беше јасна оти не и се допаѓа прикажувањето на остварувања благонаклонети на будистичкиот лидер Далај Лама.
Филмските студија тогаш се најдоа во слична безизлезна ситуација како и НБА-лигата денес. Доколку и удоволеа на Кина ризикуваа да ги налутат Американците поради цензурата на слободниот говор, а во спротивно се соочуваа со губење на можноста за почнување на исплатливи бизнис-потфати во азиската држава.
Филмовите беа прикажани, а Пекинг ги оствари заканите. Филмовите на „Сони“ и на „Дизни“ добија забрана за дистрибуција во Кина. Пораката беше јасна – ако ги сакате нашите пари, не се мешајте во нашите внатрешни работи. Двете студија попуштија и се извинија. А понизноста на Холивуд ја оствари намерата, бидејќи филмовите на „Сони“ и „Дизни“ повторно влегоа во Кина.
Земањето на политиката в обзир кога во прашање е остварувањето бизнис во Кина набргу влезе во стратегијата на Холивуд. Филмските ѕвезди кои ги промовираат филмовите во Пекинг и во Шангај добиваат листа на пожелни и непожелни теми при одговарањето на прашања. Одговори кои покажуваат афинитет кон локалната култура се прифатливи. Тибет и „Тјананмен“ се табу-теми.
НБА-ѕвездите се соочуваат со слични дилеми. Дел од најпознатите играчи имаат договори со кинеските компании за спортска опрема вредни стотици милиони долари. Со заземањето став против Пекинг можат да бидат избркани од исплатливиот пазар. За секој случај, НБА-лигата ги откажа медиумските настани на кошаркарите и тренерите во Кина до крајот на претсезонската турнеја.