Коби постигна многу во кошарката, семејството и во кариерата. Тој ми беше како мал брат. Со неговото заминување умре и дел од мене, емотивно рече славниот Мајкл Џордан на комеморативниот собир во чест на Коби Брајант и неговата ќерка Џијана во „Стеjплс-центарот“ во Лос Анџелес
Во „Стеjплс-центарот“ во Лос Анџелес (САД) се одржа комеморативниот собир насловен „Славата на животот“, во чест на поранешната НБА-ѕвезда Коби Брајант и неговата ќерка Џијана, кои на 24 јануари годинава трагично го загубија животот во хеликоптерска несреќа близу Лос Анџелес. За датумот на комеморацијата беше избран токму 24 февруари, кој симболично беше во согласност со броевите што ги носеа Брајант (24) и Џијана (2).
Преку голем видеобим беа пуштени инсерти од играчката кариера на Брајант, пратени со цитати од најголемите кошаркарски великани во НБА-лигата.
– Не го гледав како славен кошаркар, туку како свој сопруг и најдобар пријател. Секогаш се грижеше каде сум, особено ако ме немаше на моето место уште од првата минута на неговите натпревари. Многу сакаше да ја тренира Џијана, оти таа имаше одличен преглед на играта. Всушност, сите ја наследивме неговата страст за кошарката – со солзи во очите говореше неговата сопруга Ванеса.
Околу бината на теренот имаше поставено 35.000 црвени ружи, а целиот приход од влезниците за оваа комеморација е наменет за спортската фондација „Мамба – Мамбасита“.
– Коби постигна многу во кошарката, семејството и во кариерата. Тој остави сѐ на паркетот додека играше. Тој ми беше како мал брат. Сите сакаа да зборуваат за споредбата помеѓу нас. Сите ние имаме мали браќа или сестри, на кои им ги даваме нашите работи, патики, тетратки и друго. Коби почна постојано да ми се јавува, дури и во три часот наутро, да прашува за потези, шутеви, а еднаш и за кошаркарскиот триаголник. Брајант едноставно ми беше инспирација за тоа како јас ја играв играта.
Тој сакаше да биде најдобриот кошаркар, а јас сакав да му бидам најдобриот голем брат. За да го направам тоа, морав да трпам многу работи, телефонски повици и глупави прашања. Зборувавме за бизнисот, семејството, кошарката… Со неговото заминување умре и дел од мене – емотивно изјави славниот Мајкл Џордан, кој не можеше да ги скрие солзите во очите.
Меѓу многубројните што се простија од Коби Брајант беше и легендарниот центар Шекил О’Нил, кошаркарот што со Брајант на почетокот на 2000-тите години го сочинуваше најдоминантното дуо во историјата на кошарката. Шекил и Коби освоија три шампионски прстени во низа.
– Коби беше талентиран и интелигентен учесник во играта. Знаеше да ми каже како игра шах, додека другите играат дама. Јас и тој сакавме да играме најдобра кошарка и се гордеам што освоивме три НБА-титули во низа, нешто што на ни една друга екипа не ѝ успеа. Мамба, прерано те зедоа од нас. Следниот дел од твојот живот само што започнуваше, а сега е време ние да го продолжиме твоето наследство. Мал брате, знај дека ти го чуваме грбот. Ти си рајски МВП – порача О’Нил од говорницата.