Најквалитетната светска кошаркарска лига НБА од следната сезона ќе воведе измени за времето за напад по офанзивен скок, а ќе се поедностави правилото за неспортски грешки и ќе се прошири дефиницијата за неспортско однесување.
Во НБА очекуваат правилото за ресетирање на часовникот за игра од 24 на 14 секунди по офанзивен скок да го зголеми бројот на шутеви и да ги направи натпреварите уште повозбудливи.
Правилото за неспортски грешки ќе биде поедноставено и многу полесно ќе се судат овие фаули, а воедно со новите измени судиите ќе имаат поголема слобода да ги спречат играчите неспортски да се однесуваат меѓу себе, но и кон тренерите, судиите и публиката.
Меморандумот со измените веќе е испратен до директорите и тренерите на сите тимови, а се очекува да добие двотретинско мнозинство на состанокот на Управата закажан за 20 и 21 септември.