Тимовите од 30 јули до 14 август треба да одиграат по осум натпревари од регуларниот дел од сезоната, во спортскиот комплекс „Волт Дизни“ во Орландо, за да бидат одредени екипите што потоа ќе играат во плејофот. Планот предвидува да се играат до седум меча дневно во трите сали во спортскиот комплекс, без публика, од рано попладне до доцна навечер
КОШАРКА
НБА-лигата и синдикатот на кошаркарите го поставија курсот за продолжување на сезоната на 30 јули, во Орландо, во спортскиот комплекс „Волт Дизни“. Двете страни се согласија за концептот, а сѐ ќе вклучува строги здравствени и безбедносни протоколи и мечеви што ќе се играат без гледачи. Вкупно 22 екипи ќе бидат на почетокот во Флорида. Покрај 16-те екипи, кои беа на плејоф-места кога беше прекината сезоната, има уште шест тима што имаат најмногу по шест победи помалку од осмото место на нивната конференција, последно што води во плејофот.
Сезоната беше запрена на 11 март поради ширењето на коронавирусот. Тимовите од 30 јули до 14 август треба да одиграат по осум натпревари од регуларниот дел од сезоната, во Орландо, за да бидат одредени екипите што ќе се пласираат во плејофот. Сезоната треба да продолжи на 30 јули со дуелите Јута – Њу Орлеанс и Лос Анџелес клиперс – Лос Анџелес лејкерс.
Планот предвидува да се играат до седум меча дневно во трите сали во спортскиот комплекс, со мечеви и рано попладне (вообичаено од 13 и 13.30 часот), како тој на 9 август помеѓу Вашингтон и Оклахома закажан најрано од сите, од 12.30 часот по локално време (18.30 часот по средноевропско време), а во текот на денот најдоцна ќе се игра од 21 часот по локално време.
По завршувањето на регуларната сезона, 16-те најдобри екипи го почнуваат доигрувањето. Од првото коло до финалето, сите плејоф-серии ќе се играат според традиционалниот систем, до четири победи.
Актуелниот првак Торонто моментално е втор во Источната конференција со 46 победи и 18 порази. Во таа конференција води Милвоки со скор 53-12. Во Западната конференција води Лос Анџелес лејкерс со 49-14, пред Лос Анџелес клиперс со 44-20 итн.
Засега сигурни учесници во плејофот се Милвоки, Торонто, Бостон, Мајами, Индијана и Филаделфија од Источната конференција, како и Лос Анџелес лејкерс, Лос Анџелес клиперс, Денвер, Јута, Оклахома и Хјустон од Западната конференција. Од Истокот за уште две места во плејофот ќе се тркаат и Бруклин, Орландо и Вашингтон, а од Западот, исто така, за две места ќе играат Далас, Мемфис, Портланд, Њу Орлеанс, Сакраменто, Сан Антонио и Феникс. Поради доигрување на сезоната со скратен формат, сезоната заврши за Шарлот, Чикаго, Њујорк, Детроит, Атланта, Кливленд, Минесота и за финалистот од претходните пет сезони (од тие сезони и првак од 2015, 2017 и 2018 година) Голден стејт.
СИГУРНИ УЧЕСНИЦИ ВО ПЛЕЈОФОТ
Исток: Милвоки, Торонто, Бостон, Мајами, Индијана и Филаделфија
Запад: ЛА лејкерс, ЛА клиперс, Денвер, Јута, Оклахома и Хјустон
ИГРААТ ЗА ПО ДВЕ МЕСТА ВО ДОИГРУВАЊЕТО
Исток: Бруклин, Орландо и Вашингтон
Запад: Далас, Мемфис, Портланд, Њу Орлеанс, Сакраменто, Сан Антонио и Феникс