Кошаркарите на Милвоки се пласираа во своето прво финале во НБА- лигата по 1974 година, односно по 47 години, а третпат во својата историја, откако славеа на
гостувањето кај Атланта со 118-107, во шестиот меч од серијата, и со резултат 4-2 во победи станаа финалисти од Источната конференција.
Тие во финалето ќе играат со победникот на Западната конференција, Феникс, кој, пак, во големото финале се најде по 28 години (првпат од 1993 година), откако, исто така, со 4-2 во победи, беше поуспешен од Лос Анџелес клиперс.
Милвоки водеше од почетокот до крајот на натпреварот, а веќе во првата четвртина оствари двоцифрена предност, но, сепак, Атланта замина на полувреме со негатива од само четири коша. На крајот на третата и почетокот на последната четвртина, Милвоки заигра уште подобро, а најголемата предност изнесуваше 22 поена.
Првиот натпревар од финалната серија во НБА-лигата за сезонава помеѓу Феникс и Милвоки се игра в среда наутро (од три часот).
Г.И.