Македонската репрезентација, по убедливата победа над Словачка (69-47), денеска вторпат ќе ги одмери силите со Швајцарија, од која неочекувано беше поразена во првиот меч со 62-67, додека Словачка е слободна
КОШАРКА – ПРЕТКВАЛИФИКАЦИИ ЗА СП 2023
Честитки за момците за добриот натпревар. Благодарност и до публиката, кои ни беа голем ветер во грбот. Се надевам дека со Швајцарија ќе бидат во што поголем број. Освен во втората четвртина, во другите бевме добри и сосема заслужено победивме. Сега следува Швајцарија, со која имавме голем притисок во првиот меч, кој јас не им го создадов, туку целиот нов тим. Минативе денови настојувавме да го тргнеме притисокот и работите испаднаа добро. Исто и оваа победа ништо не ни значи, како и оној пораз од Швајцарија. Не се плашиме од никого, така ќе биде и понатаму. Сѐ што е добро им припишувам на играчите, сѐ што е лошо оди на моја душа, изјави селекторот Бајиќ, по триумфот над Словачка, во рамките на вториот меч од претквалификацискиот турнир (група Ф), во Скопје, за пласман на Светското првенство (СП) 2023 година.
Во СЦ „Јане Сандански“ со поддршка од публиката, на која овој пат ѝ беше дозволено во ограничен број да присуствува, црвено-жолтите ја „торпедираа“ Словачка со 69-47 (22-10, 13-14, 11-18, 23-5) и со тоа ја забележаа првата победа, благодарејќи на фуриозната игра во последната четвртина, откако претходно неочекувано загубија од Швајцарија (62-67), додека, пак, Словачка ја совлада Швајцарија (64-56). Кај Македонците најефикасни беа Бојан Трајковски со 16 коша (осум скока и две асистенции) и Џејкоб Вајли со 12 поени (шест скока), а кај ривалот, Владимир Брожијански впиша 11 коша.
– Сѐ што се случи во првиот натпревар, го поправивме во вториот. Како што го заборавивме поразот од првиот дуел, така ќе ја заборавиме и оваа победа. Имаме уште два меча до крајот, мора да бидеме внимателни. Секој натпревар е приказна за себе, ќе се обидеме да бидеме подобри со Швајцарија. Сакаме победи и на следните два натпревара – рече капитенот Бојан Трајковски.
На табелата сите три селекциите имаат по три бода, односно по една победа и пораз, но Македонија е прва, поради позитивата од 17 коша разлика, Швајцарија е втора со минус три, додека Словачка е трета со минус 14 коша.
Вчера беше слободен ден на турнирот, а денеска Македонија ќе се обиде да ѝ се реваншира на Швајцарија во третиот натпревар (19 ч.) и со тоа да се најде на чекор до пласман во квалификациите за СП 2023. Првопласираните две селекции од турнирот во Скопје ќе бидат дел од главните квалификации за СП, во кои ќе играат вкупно 32 селекции.
Табела
Македонија 2 1 1 3
Швајцарија 2 1 1 3
Словачка 2 1 1 3
Денеска
Македонија – Швајцарија (19 ч.)
Утре
Словачка – Швајцарија (19 ч.)
среда
Македонија – Словачка (19 ч.)