Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин, туку ќе останевме во Скопје. Сите се соочуваме со ковид-проблеми, ФИБА оцени дека мора да се игра, така што ќе одиме да се надигруваме. И Естонија има проблеми, еднакво големи како нашите. И Италија има проблеми, не знаеме со кои 12 ќе дојдат во Естонија. Но кога ќе влеземе во „балонот“ во Талин, секоја селекција ќе ги открие картите, па и ние ќе можеме да планираме повеќе, вели селекторот Александар Тодоров

КОШАРКА

Македонската машка репрезентација, предводена од селекторот Александар Тодоров, по четирите тренинзи со 12 кошаркари во Скопје, денеска наутро треба да патува за главниот град на Естонија, Талин, каде што в петок и в недела треба да ги игра натпреварите од вториот квалификациски прозорец за пласман на Европското првенство во 2022 година против Италија и Естонија. Позитивно е тоа што селекцијата ќе биде неколку дена порано во т.н. „балон“ во Талин, што ќе биде добро за доуигрување на кошаркарите.
Во Талин се очекува, ако сѐ биде во ред, да им се приклучат Војдан Стојановски од Франција и новиот репрезентативец Џејкоб Вајли од Шпанија. Сите кошаркари што тренираа во Скопје беа негативни на ковид-19. Евентуален пласман на ЕП ќе биде првпат Македонија да биде во друштво на елитата по 2015 година.
– Естонија нема висок состав и игра многу брза кошарка. Тоа во овој миг можеби и ни одговара, оти ние имаме дефицит на високите позиции. За Италија, немам детални информации, знам само дека игра со подмладен состав, но дека и тие се квалитетни. Нашиот фокус треба да биде на втората средба, да ја победиме Естонија со двоцифрена предност и со тоа да ни останат шансите за пласман на ЕП – вели центарот Љубомир Младеновски.

За турнирот во Талин, италијанскиот селектор веќе се определи за 16-те имиња, и тоа во најголем дел се оние на кои сметаше и за првите два дуела во првиот прозорец. Но Италија е една од оние селекции што се надвор од конкуренција во групата Б, односно веќе има загарантирано место оти е еден од четирите домаќини на ЕП.
Селекторот на Естонија, пак, Јука Тоијала, уште има проблеми за тоа на кои кошаркари ќе може да смета во дуелите со Македонија и со Русија.
– Никој досега не бил во ваква ситуација. Ова се ненормални услови, во кои не знаеме кој играч во каква физичка и здравствена состојба е. Вирусот урива многу планирани работи и секој ден правиме нов план, па веројатно до последен миг нема да знам кои кошаркари ќе бидат во селекцијата – рече Тоијала за медиумите во Естонија.
Но она што е познато досега е дека Малик-Калев Косар, Кристиан Куламае, Слим Сандер Вене и Сандер Раиесте се повредени и нивниот настап е под знак прашалник.
– Ако не постоеше шанса да победиме, немаше да патуваме за Талин, туку ќе останевме во Скопје. Сите се соочуваме со ковид-проблеми, ФИБА оцени дека мора да се игра, така што ќе одиме да се надигруваме. И Естонија има проблеми, еднакво големи како нашите. И Италија има проблеми, не знаеме со кои 12 ќе дојдат во Естонија. Но кога ќе влеземе во „балонот“ во Талин, секоја селекција ќе ги открие картите, па и ние ќе можеме да планираме повеќе – вели селекторот Александар Тодоров.

Во Талин, в петок Македонија треба да игра со Италија, а два дена подоцна со домаќинот на турнирот Естонија. Во оваа квалификациска група е и селекцијата на Русија. Македонија во февруарскиот прозорец загуби во Скопје од Естонија со 72-81 , а потоа и од Русија во Перм со 67-77.
На ЕП, кое вторпат треба да се игра во четири земји (Чешка, Грузија, Германија и Италија), ќе настапат двете најдобри селекции од групата, не сметајќи ја Италија како домаќин. По две кола на табелата од квалификациската група Б води Италија со четири бода, следуваат Естонија и Русија со по три и Македонија со два бода.