Во рамките 2-то коло од супер лигата кошаркарите на Куманово вечерва на домашен терен загубија од екипата на АВ Охрид со 66:79 (39:49) со што го доживеаја и вториот пораз во супер-лигата.
Екипата на Куманово во вториот натпревар од супер-лигата на домашен терен неочекувано е поразена од екипата на АВ Охрид со 66:79 со што со двата порази во првите две кола оствари многу лош старт во супер-лигата. Кошаркарите на Куманово на вечерашниот натпревар пред своите гледачи одиграа добро само во првите 5-6 минути кога имаа и водство од 14:9, а оттогаш па се до крајот на натпрварот иницијативата ја презедоа гостинските кошаркари на Охрид коишто најпрвин на полувремето направија предност од десет коша (39:49) за да потоа во третата четвртина да стигнат и до највисоката предност од позитива од дури +16 разлика (26мин.-43:59) којашто предност успеаја да ја задржат се до последната минута па на крајот стигнаа до многу важна и сосема заслужена победа. Тие вечерва во својот ростер го имаа расположениот за игра Мирза Ахметбашиќ кој за домашните кошаркари вечерва беше нерешлива енигма, па на крајот со своите 28 коша (6 тројки) заслужено беше најдобриот играч на натпреварот.
Најефикасни кошаркари на натпреварот кај екипата на Куманово беа Марјан Јанески, Никола Караколев и Бранислав Џекиќ со по 15 коша, додека пак кај победничката екипа на АВ Охрид Мирза Ахметбашиќ со 28 и Рос Кенет со 15 постигнати коша.
Т.Д.