Ова се моменти кога Буштур заминува од животната сцена, но тој вечно ќе ги исполнува срцата на оние што беа сведоци на неговото време. А генерациите што допрва доаѓаат треба да бидат горди оти години пред нив, на овој ист кошаркарски терен имало еден таков ас каков што беше Благоја Георгиевски-Буштур
Сум напишал илјадници текстови. Сум се обидувал за читателската публика да создадам некој расказ за нашите спортски легенди. Секогаш сум седнувал со задоволство, со желба да го прикажам во своите вистински бои и – карактер. Но ова денешно седнување на лаптопот ми беше најтешко во мојата кариера, зашто требаше да го напишам овој текст, за жал, за збогување со нашата голема спортска фигура, ако не и најголема во македонскиот спорт – Благоја Георгиевски-Буштур. Едноставно, не можев да се помирам со жалната вистина дека со Буштур веќе нема да имам можност да разговарам. Замина, нѐ остави да се сеќаваме на него и на блескавите кошаркарски години, во кои ја испишуваше не само својата спортска биографија туку македонската спортска историја.
Тешко можеме да најдеме зборови со кои, дури и јас како негов долгогодишен другар (од првите години на создавањето на модерниот КК Работнички под палката на Лазар Лечиќ), можеме во овие мигови на тага да ја искажеме сета спортска и човечка големина на популарниот Буштур. Едноставно тој беше нешто големо во македонскиот спорт, беше негов симбол. Шетајќи низ светот, кога сакав на пријателите да им кажам каков спортски квалитет како нација сме имале, секогаш на прво место ќе го ставев неговото име.
Неговите игри во Работнички и во репрезентацијата на Југославија вечно ќе се паметат. Беше вистински „оган“ на теренот, кој знаеше да ги фрли во очај противничките играчи и нивните тренери. Тој беше кошаркар со јуначко срце. Борец на теренот и придвижувач на својот тим, дури и во моментите кога се чинеше дека сѐ е загубено. За Буштур никогаш немаше предавање. Тој ги почитуваше противниците, но повеќе веруваше во себе, исто како што веруваше кога првпат во 1969 година влезе во славниот Работнички, за во годините што доаѓаа да биде кошаркарот кому најчесто му се припишуваа најголемите успеси. И во дресот на Југославија ја пронесуваше славата на македонскиот спорт. Во Минхен го имаше првиот олимписки настап, а во Монтреал во 1976 година го освои сребрениот медал. Колку беше омилен и меѓу своите репрезентативни колеги најубаво се виде и во мај минатата година, кога безмалку сите тие по негова покана допатуваа во Скопје и присуствуваа на прославата на 80-от роденден на неговиот тренер Лазар Лечиќ.
Ова се моменти кога Буштур заминува од животната сцена, но тој вечно ќе ги исполнува срцата на оние што беа сведоци на неговото време. А генерациите што допрва доаѓаат треба да бидат горди оти години пред нив на овој ист кошаркарски терен имало еден таков ас каков што беше Благоја Георгиевски-Буштур.