Македонската селекција вечерва гостува во Косово во 1. коло од вториот циклус претквалификации, за пласман во квалификациите за ЕП 2021
Реално гледано, репрезентацијата на Косово е посилна од минатата година. Имаат две нови имиња, плус Американецот Скот Бамфорд на плејмејкерската позиција, кој, пак, лани не играше во Приштина. Но и ние сме посилни од минатата година, па се надевам на победа, вели селекторот на македонската кошаркарска репрезентација Јорданчо Давитков.
Македонија денеска го игра првиот меч во вториот претквалификациски циклус со Косово, во Приштина (20.30 ч., пренос на ТВ Алфа), за пласман во квалификациите за Европското првенство во 2021 година.
– Ќе се обидам и Војдан Стојановски и Ричард Хендрикс да ги уфрлам во нашата офанзивна и дефанзивна играчка шема и сето тоа на теренот да изгледа во ред, што ќе значи и успешен старт во овие претквалификации – вели Давитков.
Сепак, главоболки на Давитков му создава неиграњето на повредените Адем Мекиќ и Марко Симоновски, кои нема да настапат на овој прв меч. Во однос на ланскиот состав за мечот во Приштина, сегашниот има дури девет нови имиња, а од тој меч и сега ќе настапат капитенот Војдан Стојановски (тогаш постигна 17 поени), Александар Костовски (13 поени), Стојан Ѓуроски, Бобан Стајиќ и Љубомир Младеновски. На тој прв натпревар во ланските квалификации за СП 2019, Македонија на гости загуби од Косово со 68-72. Кај Македонците најефикасен беше Џордан Теодор со 22 поена, а кај ривалот Дардан Бериша со 28 поени. Во вториот меч во Скопје, Македонија победи со 87-74, а Теодор повторно беше најефикасен, со 24 поени.
Во групата Б, покрај Косово, чиј селекторот е Дамир Мулаомеровиќ, е и Романија. Пласман во квалификациите за ЕП 2021 обезбедува само првопласираната репрезентација во групата, а другите ќе играат во уште еден претквалификциски циклус.
– Првиот меч секогаш е најтежок, но и најбитен. Со Косово игравме и лани, остваривме една победа и пораз. На првиот меч на гости, првите 10 минути што ги одигравме многу слабо уште ни бодат очи. Но овој пат сме со многу поквалитетен состав и подготвени сме добро да ги почнеме овие претквалификации – вели бекот Александар Костоски.