Македонската машка сениорска кошаркарска репрезентација со вкупно 187,6 поени, остана на 29-то место во Европа, односно на 53-то место во светот, според најновата ранг-листа на Светската кошаркарска федерација. На листата фигурираат вкупно 168 селекции.
Во февруарскитe квалификации за ЕП 2021, Македонија забележа два пораза, од Естонија во Скопје и од Русија во Перм, но тоа не влијаеше на најновото рангирање, па црвено-жолтите останаа на местото на кое беа рангирани претходниот пат. Од преостанатите селекции најмногу напредуваа Јужен Судан (на 107-то место), кој се искачи за 16 места, и Кенија (на 122-то место) за 11 места, додека на листата најмногу паднаа Хаити (на 165-то место) и Хондурас (на 108-то место), кои паднаа за 14 односно 12 места. Од македонските ривали во квалификациите за ЕП 2021, Русија е најдоброрангирана на 11-то место, иако забележа пад од две места, Италија одново е на 12-та позиција, а Естонија пак е на 49-то место. И понатаму води репрезентацијата на САД (781 бод), втора е Шпанија (722), а трета е Австралија (666). На Европската ранг-листа прва е Шпанија, пред Србија и Франција.